Author: Angova
Општина Дојран ги доби првите државни прваци во карате
Дарија Џониќ и Михаела Јовановиќ се двете победнички во поединечни борби на државното првенство за деца од 10 до 13 години во карате – кумите. Со оваа победа, Дарија и Михаела го обезбедија своето членство во карате репрезентацијата на Р.С.Македонија и токму денешните освоени златни медали им ги отворија вратите за учество на Балканското првенство во карате!
Со овој нов успех, нашата општина испишува историски успех во карате спортот.
Она што особено ме радува е доказот дека Општина Дојран умее да ги препознае талентираните, храбрите, знае да вложи онаму каде што трудот и макотрпните тренинзи, неминовно ќе вродат со успех.
Продолжуваме да се грижиме за младите во Дојран, продолжуваме да инвестираме во спортските здруженија и спортистите кои допрва треба да блеснат на македонската спортска сцена.
Работен состанок во Министерството за животна средина
Добросостојбата на Дојранското Езеро и неговиот биодиверзитет отсекогаш биле на врвот на листата на приоритети во работата на Општина Дојран.
Токму затоа, денеска се одржа координативен состанок во Министерството за животна средина и просторно планирање заедно со министерката Kаја Шукова.
На состанокот беа присутни и претставници од невладината организација Милиеуконтакт, наши долгогодишни соработници од областа на заштита на Дојранското Езеро.
Се разговараше на повеќе теми, а најголем акцент се стави на заштита на езерото и отпочнатите постапки за изградба на нова пречистителна станица и санација на колекторскиот систем кои се врвен приоритет во нашата работа.
Дополнително, беше разговарано и за студијата за реализација и менаџментот за управување кои се неопходни документи за правилното менаџирање со езерото и неговиот биодиверзитет.
Од страна на министерката беше потенцирано дека Општина Дојран и Дојранското езеро ќе бидат вметнати во буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање за 2024 година како еден од клучните приоритети и предизвици во истата.
Нов Дојран добива модерен и урбан градски пазар
По долги години, Нов Дојран конечно добива нов, модерен, урбан градски пазар.
Во склоп на градскиот пазар предвиден е мал плоштад и хортикултурно и партерно уредување околу истиот.
Со овој зафат, централното градско подрачје во Нов Дојран ќе добие современ и убав изглед.



Нова велосипедска патека во Дојран за љубителите на off road велосипедизмот
Со проектот за проширување на велосипедската патека во општина Дојран, долж фронтовата линија од Прва светска војна, финансиран од Југоисточниот плански регион, Општина Дојран наскоро ќе се најде на мапата на љубителите на off road велосипедизмот или популарно наречениот mountain bike (планински велосипедизам).
Во склоп на овој проект се врши машинско порамнување на постојната траса со проширување и на одредени места со пробивање на нова траса.
Патеката е во должина од 16 км. А она што е мошне примамливо е тоа што за истата ќе бидат набавени соодветни патоказни знаци за насочување низ трасата. Поставување на летниковци, дрвени клупи, канти за отпадоци е само мал дел од опремата која е планирано да се постави долж велосипедската патека.
Благодарение на овој проект, во Општина Дојран, освен класичниот езерски туризам ќе се развиваат и алтернативни форми на туризмот како што е off road велосипедизмот, за што ние како општина особено се залагаме. Со оваа инвестиција ќе имаме зголемен број на активности, ќе се организираат рекреативни тури, како и спортски натпревари кои во иднина ќе придонесат голем број на вљубеници на велосипедизмот да се приближат кон природата, да рекреираат, но и подобро да ги запознаат природните убавини и богатата историја која ја нуди на нашиот Дојран.
Здравствените придобивки од возење велосипед по off road патеки се неколкукратно поголеми од возење велосипед по регуларни патеки.
Како голема награда за вашиот напор е величествениот поглед кон Дојранското Езеро, недопрената природа која го одзема здивот, богатство на ендемични флора и фауна. Попатно може да вкусите и од шумските плодови кои природата несебично ги дава.
Наскоро ќе може да нѐ посетите во Дојран и да добиете ново искуство од вашиот престој овде.



Дипломатски економски караван
Преку организирање дипломатско-економски караван во Југоисточниот плански регион, Општина Дојран денес ги презентираше можностите за инвестирање и потенцијалите пред економски аташеа и амбасадори на 17 дипломатски претставништва во земјата и од други држави кои ја покриваат нашата земја.
Општина Дојран визуелно, преку промотивни видеа ги промовираше убавините со кои располага и можностите за инвестиции.
Гостите покажаа интерес за инвестиции во туризмот, можностите за пласирање на нашите локални производи во земјите од кои доаѓаат и секако изразија воодушевување од природните убавини кои ги нуди нашиот Дојран.
Се надеваме дека економскиот дипломатски караван во блиска иднина ќе донесе инвестиции и дополнително ќе го забрза економскиот развој на нашата општина.



