Author: Angova

8.400.000 денари за изградба и реконструкција на улици во Општина Дојран

Оваа година заедно со сите Вас го формиравме Буџетот на Општина Дојран, кој е развоен и насочен кон инфраструктурни проекти.
По спроведениот анкетен прашалник за формирање на Буџетот, го насочуваме нашиот фокус кон подобрување на патната инфраструктура.
Со финансиски средства обезбедени од Министерството за транспорт и врски преку ,,Проект за поврзување на локални патишта” ќе се реконструираат главните улици во с.Николиќ,с.Црничани и с.Фурка, чија имплементација ќе започне во вториот квартал на 2022 година.
Оваа година Општина Дојран во својот Буџет издвои 8.400.000 денари за дополнителна изградба и реконструкција на останатите улици во Општина Дојран.

Дојран посетен и во зима

Нестандардно високите температури за овој период од годината, како и новогодишното празнично расположение му донесоа на Дојран бројни посетители.

Јануарското сонце привлече љубители на спортскиот риболов, љубители на долгите прошетки покрај брегот на езерото и секако гурмани кои ги обожаваат дојранските специјалитети од риба.

Ве покануваме да ги искористите слободните денови и да дојдете до го посетите бисерот на југот од нашата држава, да се релаксирате покрај Дојранското Езеро и да го планирате следниот одмор токму во Дојран.

Новогодишни подароци за децата од О.О.У “Кочо Рацин” Нов Дојран

Насмевките на нашите најмили се бесценети. Токму затоа и годинава во соработка со фабриката “Дојран стил” претпразнично доделивме пакетчиња за основците од сите населени места.

Со ова градоначалникот Ангов им ја честиташе новата 2022ра година на учениците и им посака многу здравје, среќа и успех во секое поле од животот.

 

 

 

Демант во врска со Извештаите од мониторинг на вода од Дојранското Езеро

Почитувани граѓани,

Општина Дојран целосно ги демантираме наводите на г-дин Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии кој заклучоците од овогодишниот мониторинг спроведен од страна на УГД-Штип во универзитетската лабараторија „Амбикон“ погрешно ги презентираше пред јавноста тврдејќи дека водите од Дојранското Езеро се класифицираат во четврта класа, a потоа истите наводи ја пренесоа повеќето наши мас-медиуми.

Заклучок од спроведениот пролетен мониторинг на вода од Дојранското Езеро е дека во пролетната мерна кампања, согледувајќи ги добиените параметри од сите анализи, доколку би требало генерално да ја класифицираме водата од Дојранското езеро во некоја класа (според Уредбата за класификација на води) тогаш најблиску би ја оцениле како Класа 2.

Класа 2 е вода која е малку загадена, мезотрофична вода, која во природна состојба може да се употребува за капење и рекреација, за спортови на вода, за одгледување на ципридни видови на риби и др.  Со употреба на вообичаени методи на обработка – кондиционирање (коагулација, филтрација, дезинфекција…) оваа вода може да се употребува за пиење и за производство и преработка на прехранбени производи.

Повисока класа од класа 2 е дефинирана само кај микробиолошката анализа но за позначајни заклучоци во однос на овој параметар ќе мора да се направат поголем број на анализи во текот на целата година.

Заклучокот од спроведениот есенски мониторинг, водата од Дојранското езеро е категоризирана во  класа 1 т.е. вода  без боја и без миризба. Според pH – вредноста и Алкалноста (CaCO3 mg/l) водата во Дојранското езеро е се класифицира во Класа 1. Вредностите на хемиската потрошувачка на кислород (ХПК mgО2/l) во земените примероци се движи од 2.5 – 3.0 mg О2/l, што значи дека според овој параметар водата во Дојранското езеро се класифицира во  Класа 2. Според концентрациите на  нитрати, нитрити и амониум во водите на Дојранското езеро се класифицира во 1 Класа. Според концентрацијата на метали или неговите соединенија концентрациите на Al, Ba, B, As, Ni, Co и Mn се под пропишаните максимално дозволени концентрации за Класа 1-2. Според микробиолошката анализа од есенскиот мониторинг, анализираниот примерок е сврстен во Класа 4, додека од пролетниот, анализираниот примерок е сврстен во Класа 2, според бактериска контаминација.

Важно е да се има предвид дека мониторингот на водите од Дојранско Езеро беше спроведен само на едно мерно место. И како што е акцентирано во самиот Извештај – за позначајни заклучоци во однос на микробиолошкиот параметар, ќе мора да се направат поголем број на анализи во текот на целата година.

А, на г-дин Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии ќе му порачеме кога веќе сака да се занимава со научни прашања, прво треба да ги научи работите, трудовите кои сака да ги исползува, треба така да ги чита, како што ги има авторот напишано (во нашиот случај Извештаите од пролетниот и есенскиот мониторинг на вода од Дојранското Езеро), а пред сè да не чита работи кои таму ги нема.

Со почит,

Општина Дојран

Потпишан договор за изградба на пешачка патека со паркинг места

На одржаната четвртата редовна седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион и конститутивната седница на Советот за социјална заштита на Југоисточниот плански регион беше потпишан договорот со #ЈИПР за уредување на туристичка патека од ресторан Гранико до ГП Дојран.
Во проектот се предвидува
➡️Расчистување и уредување
➡️Обележување на паркинг места
➡️Изградба на пешачка патека во должина од 1.285 метри.
Со овој проект ќе се развие нова туристичка зона во општината, ќе се создаде нов простор за рекреација на мештаните, а секако и на туристите.