Новости

Состанок за проектот “Подобрување на биодиверзитетот на Дојранското eзеро преку соработка со сите општествени чинители и спроведување на екосистемски практики”

На 13.12.2019 во просториите на Општина Дојран градоначалникот одржа работен состанок со Петра Поп Ристова, доктор по природни науки, претставник од Милиеуконтакт Македонија и координатор на проектот “Подобрување на биодиверзитетот на Дојранското Езеро преку соработка со сите општествени чинители и спроведување на екосистемски практики” што ќе се спроведува во рамките на заштитеното подрачје. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми (ЦЕПФ). Партнерскиот фонд за заштита на критичните екосистеми е заедничка иницијатива на Француската агенција за развој, Меѓународното здружение за конзервација на природата, Европската Унија, Глобалниот еколошки фонд, Владата на Јапонија и Светската Банка. Основната цел на ЦЕПФ е обезбедување на учеството на граѓанските заедници во конзервацијата на биодиверзитетот. Проектот го спроведува Здружението за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија, во партнерство со Општина Дојран и здружението на граѓани Полимат 13 од Богданци, во времетраење од две години, односно до Јули 2021.
Главна цел на проектот е да се воспостави одржливо управување со Споменикот на природата Дојранско Езеро. Проектот вклучува активности за директна конзервација на дефинирани локации, со цел подобрување на заштитата на загрозените видови. Овој проект е насочен кон решавање на прашањата кои се однесуваат на квалитетот на езерската вода, обемот и текот на водата, како и нарушувањето на видовите и живеалиштата.
Проектот содржи две главни компоненти, односно:
1) Подобрување на управувањето со Споменикот на природата Дојранско Езеро, и
2) Оддржливо управување, заштита и рехабилитација на езерото преку имплементација на екосистемски практики.

На состанокот се разговараше за развивањето на првиот План за управување со заштитеното подрачје Дојранско Езеро (2020 – 2030) со акциски план, што претставува една од активностите на овој проект, која ќе биде реализирана во соработка со сите засегнати страни. Дополнително, во склоп на проектот ќе бидат спроведени и обуки за јакнење на капацитетите на локалната администрација за негово спроведување и едукација за Интегрирано управување со речни сливови. На состанокот исто така се дискутираше за рехабилитација на поплавената пешачка патека, потребите за унапредување на пречистителната станица, како и за подобрување на управувањето со Дојранското Езеро преку блиска соработка со грчките управувачки органи.

Военото атеше на В. Британија во посета на Дојран

Военото атеше на Велика Британија г-дин Andrew Layton беше во посета на Општина Дојран.
На состанокот помеѓу военото атеше и градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов беше разговарано за тековните и идни проекти кои ќе се реализираат во Дојран и можноста за соработката и помош од страна на военото атеше во нашата општина.

Одржана јавна презентација

Одржана јавна презентација на студијата за оправданост од воспоставување на договорот за јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање и проектирање, реконструкција, реновирање, изградба, користење, управување и одржување на јавно водоснабдување и одведување на отпадни води и системи за третман во Општина Дојран. На состанокот присуствуваше и заменик министерот за економија Кирил Колемишевски. Присутните граѓани имаа можност да поставуваат прашања и да дебатираат во врска со студијата.

Во среда, 20.11.2019та година со почеток од 10.00 часот во салата за состаноци на хотелот Ла Тераса во Стар Дојран ќе се одржи јавна дебата (презентација) на “Студија за оправданост од воспоставување на договорот за јавно приватно партнерство за финансирање, дизајнирање и проектирање, реконструкција, реновирање, изградба, користење, управување и одржување на јавно водоснабдување и одведување на отпадни води и системи за третман во Општина Дојран”.
Поканети се сите заинтересирани граѓани, фирми, невладини организации и здруженија да земат активно учество на јавната презентација.

Министерот за локална самоуправа во посета на Дојран

Денес, градоначалникот Ангов оствари работна средба со Министерот за локална самоуправа г-дин Горан Милевски. Заедно со раководителката на Центарот за развој на југоисточниот плански регион г-ѓа Жулиета Ѓуркова прошетаа покрај брегот на Дојранското Езеро и разговараа за тековни и идни проекти кои се во план да се реализираат во Дојран.
Министерството за локална самоуправа преку програмата за рамномерен регионален развој со 4.243.000 денари ја финансира реализацијата на проектот „Хортикултурно и партнерно уредување на езерското крајбрежје и формирање на плажа на овој дел од брегот на Дојранското Езеро“, а општината учествува во негово кофинансирање со 400.000 денари.

– Секоја година преку програмата за рамномерен регионален развој Министерството за локална самоуправа финансира проект за подобрување на условите за развој на туризмот во Дојран. Годинава, Центарот за развој врз основа на утврдените приоритети го предложи овој проект, а Министерството за локална самоуправа покрај овој проект во Дојран, финансира уште 13 други проекти за развој на Југоисточниот плански регион, за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, во вкупен износ од 44,4 милиони денари. Дојран имплементира проект со општината Кукуш, кој што е финансиран од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција за заштита на екосистемот во пограничниот регион, во вкупна вредност од 1.4 милиони евра, појасни министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Според него, Дојран ќе продолжи да се развива со финансиска поддршка на проектите за развој на планскиот регион, но и со средства од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, што исто така ја координира Министерството за локална самоуправа.

– Дојран е значајна туристичка дестинација во нашата земја, поради Дојранското Езеро, но и поради граничниот премин со соседна Грција. Покрај домашните туристи, во Дојран престојуваат и гости од Грција, особено во деновите на викенд. Традиционално, жителите од Југоисточниот плански регион се ориентирани кон Дојран, а со манифестацијата Д-фестивал, Дојран стана атрактивна дестинација и за сите млади луѓе од земјата. Сето ова говори дека потенцијалите на Дојран и на Дојранското Езеро се значајни за поттикнување на развојот во овој регион и треба да се вложува во нив, изјави градоначалникот Анго Ангов.

Јавен повик за финансирање на културните активности од Буџетот на Општина Дојран за 2020 година

Врз основа на член 31 став 1 алинеа 4 а во врска со член 68 став 1 од Статутот на општина Дојран (“Службен гласник на општина Дојран”, бр.9/06, 8/10 и 12/14) Градоначалникот на Општина Дојран објавува,

 

ЈАВЕН ПОВИК за финансирање на културните активности од Буџетот на Општина Дојран за 2020 година

Право на учество имаат здруженија на граѓани и други правни лица од областа на културата кои делуваат на територијата на Општина Дојран.

Здруженијата на граѓани и другите правни лица кои учествуваат на овој повик потребно е :
– да придонесат за збогатување на културниот живот во општината;
– да придонесат за зачувување и афирмирање на материјалното и духовното културно наследство на општина Богданци;
– да го поттикнат и афирмираат културното творештво  на младите уметници;
– да се грижат за унапредување на стручната работа и усовршување на стручните кадри;

-да обезбедат континуитет на традиционалните културно уметнички манифестации кои се од локален карактер.
Потребна документација која здруженијата на граѓани и други правни лица од областа на културата треба да ја достават:

 

– Документација од извршена регистрација на субјектот (Копија);
– Годишна програма за работа за 2020 година;
– Извештај за потрошените средства добиени од Општина Дојран  за 2019 година (до денот на поднесување на пријавата);

 

Рок и начин на доставување на пријавите

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 25.11.2019 година (Понеделник) до 15 часот.
              Пријавата со целокупната документација треба да се достави во архивата на општина Дојран или преку пошта на адреса: Општина Дојран, ул.„кеј 5-ти Ноември“ бр.бб, 1486 Стар Дојран, „за финансирање на активности од областа на културата за 2020 година“.       

Здруженијатa, учесници на јавниот повик ќе бидат известени за резултатите по донесување на годишната Програма за финансирање на културните активности во општина Дојран за 2020 година.

 

Градоначалник на

Општина Дојран

Анго Ангов

 

Јавен повик за финансирање на спортските активности од Буџетот на Општина Дојран за 2020 година

Врз основа на член 31 став 1 алинеа 4 а во врска со член 68 став 1 од Статутот на општина Дојран (“Службен гласник на општина Дојран”, бр.9/06, 8/10 и 12/14) Градоначалникот на Општина Дојран објавува

ЈАВЕН ПОВИК за финансирање на спортските активности од Буџетот на Општина Дојран за 2020 година

Како субјекти кои можат да конкурираат се спортските здруженија и други правни лица во областа на спортот кои делуваат на територијата на Општина Дојран.

Спортски здруженија и другите правни лица кои учествуваат на овој повик потребно е :
– да го поттикнуваат и унапредуваат соодветниот спорт;
– да го организираат и спроведуваат системот на натпревари;
– да се грижат за унапредување на стручната работа и усовршување на стручните кадри;
– да се грижат за унапредување на младите категории;

Потребна документација која спортските здруженија и други правни лица во областа на спортот треба да ја достават:

 

-Документација од извршена регистрација на субјектот (Копија);
– Годишна програма за работа за 2020 година;
– Извештај за потрошените средства добиени од Општина Дојран за 2019 година (до денот на поднесување на пријавата).

 

Рок и начин на доставување на пријавите

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 25.11.2019 година (Понеделник) до 15 часот.
              Пријавата со целокупната документација треба да се достави во архивата на општина Дојран или преку пошта на адреса: Општина Дојран, ул.„кеј 5-ти Ноември“ бр.бб, 1486 Стар Дојран, со назнака „за финансирање на активности од областа на спортот за 2020 година“.       

Здруженијатa, учесници на јавниот повик ќе бидат известени за резултатите по донесување на годишната Програма за финансирање на спортските активности во општина Дојран за 2020 година.

 

Градоначалник

на општина Дојран

Анго Ангов

Порибување на Дојранското Езеро

Градоначалникот на Општина Дојран г-дин Анго Ангов, Директорот на земјоделскиот инспекторат г-дин Зоран Шапуриќ заедно со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство извршија порибување на Дојранското Езеро.

Согласно одредбите од Законот за рибарство и аквакултура, порибувањето претставува добро од јавен интерес во областа на рибарството. Порибувањето на риболовните подрачја и риболовните зони го врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  преку регистрирани репроцентри.

Водите на Дојранското езеро се порибуваат согласно риболовата основа за риболовното подрачје Дојранско Езеро.

Заради зачувување и зголемување на рибниот фонд, Владата на Република Македонија, во годишните програми за финансиска поддршка предвидува мерки и обезбедува финансиски средства за изведување на вештачки мрест и порибување на риболовните подрачја и риболовните зони.

И оваа година во Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата е предвидена мерка за порибување на Дојранското Езеро со средства во вкупен износ од 800.000,00 денари. За изведување на порибувањето министерството склучи договор со регистрираниот репроцентар Акватика ДООЕЛ – Неготино кој имаше обврска да произведе 50 000 единки подмледок од крап меѓу 7 и 15 грама согласно динамиката на активности.

Инаку, Дојранското Езеро и во изминатиов период (2011-2015 година) беше порибувано со околу 1500 килограми подмладок од крап на годишно ниво, во зависност од обезбедените средства и порибителен материјал. Порибувањето го реализираа регистрираните репроцентри УКИМ Институт за сточарство – Скопје и Акватика ДООЕЛ – Неготино.

Сето ова претставува реализација на заложбата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за достигнување на резултатите од времињата кога, според податоците, Дојранското Езеро беше регистрирано како едно од најпродуктивните езера во Европа.

 

Работен состанок

Денес градоначалникот Ангов во конференциската сала на хотелот ХИТ во Стар Дојран беше организатор и домаќин на работен состанок на кој присуствуваа претставници од амбасадите на Франција и Бугарија, претставници од Н.У Завод и музеј Струмица, учесници од Министерството за одбрана, претставнички од воениот музеј – Скопје и НВО здруженија.
Гостите претходно го посетија и музејот посветен на Првата Светска Војна.
Целта на состанокот беше да се стави во употреба за туристички цели патеката од Првата Светска Војна, односно да се приспособи дел од дојранскиот фронт и да се понуди како дополнителна туристичка атракција на потенцијалните заинтересирани домашни и странски туристи.
Интересот за фронтовата линија, воената историја на Дојран и настаните од минатото кои се одвивале токму под ова поднебје изминатите години се навистина многу актуелни кај странските посетители на нашата општина.
Идејата е да се оплемени дел од патеката, да се разработи стратегија и конечно фронтовата линија да започне да функционира како вистинска туристичка атракција, со одобрение од општината и со лиценцирани и обучени туристички водичи.
На состанокот беше донесена одлука да се формира координативно тело со претставници од сите институции и наредниот период интензивно да се аплицира за средства од најразлични фондови и да се работи на ставање во функција на патеката од Првата Светска Војна.
Се надеваме дека во блиска иднина општина Дојран ќе понуди уште една атракција, која ќе биде поинаква, поучна и примамлива за домашните и странски посетители.