Новости

Градоначалникот Ангов беше гостин во Бугарската Амбасада во Македонија

На покана на Амбасадорката на Р. Бугарија во Р. Македонија, Даниела Будинова, Градоначалникот Ангов беше гостин во резиденцијата на Бугарската Амбасада во Македонија.

На работната средба со г-ѓа Будинова и нејзините соработници од Амбасадата беше разговарано за поголема промоција на Дојран помеѓу бугарските туристи кои би сакале да го посетат нашето место, за инвестиции во Дојран и продолжување на туристичката сезона со креирање интересна понуда примамлива за нашите источни соседи.

Исто така, соговорниците се согласија дека заедничка презентација на европскиот пазар ќе биде од интерес на двете страни.

Набрзо Амбасадорката Даниела Будинова ќе биде официјален гостин во Општина Дојран и детално ќе ги разгледа можностите, капацитетите и природните убавини кои ги нуди нашата општина.

Договорот за национално кофинансирање на проекти од првиот повик за предлог проекти финансирани од Интерег ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција 2014 – 2020 година

Градоначалникот на Општина Дојран денес во Владата на Р. Македонија присуствуваше на официјалниот настан по повод потпишувањето на договорот за национално кофинансирање на проекти од првиот повик за предлог проекти финансирани од Интерег ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција 2014 – 2020 година.

Општината Дојран учествува во два прекугранични проекти. Како партнери во проектите се Општина Кукуш и Општина Серес од соседна Република Грција.

Заменик Министерот за локална самоуправа, г-дин Дејан Павлески, гостин во Општина Дојран

Заменик Министерот за локална самоуправа, г-дин Дејан Павлески денес ни беше гостин во Општина Дојран.

Заедно со жители од општината и претставници од локалната самоуправа разговаравме за животот на младите во нашето место, амбициите на дојранчани, заедничките идеи, иднината и можностите кои ќе ги добие Дојран кога ќе биде дел од големото и просперитетно семејство на Европската Унија.

По кратката прошетка низ Дојранското крајбрежје, заменик министерот изјави:

“Дојран е прекрасно место, со питома природа, блага клима и езеро кое нуди мир и спокој. Природата дала се што можела.

Да си дадеме шанса сите, да ја зграпчиме можноста за влез на Македонија во НАТО и ЕУ и да си ја направиме нашата држава поубаво и попросперитетно место за живеење. “

Работна средба со Британската Амбасадорка во Р. Македонија, г-ѓа Rachel Galloway

Градоначалникот на Општина Дојран, заедно со Претседателот на Советот и претставник од општинската администрација остварија работна средба со Британската Амбасадорка во Р. Македонија, г-ѓа Rachel Galloway.

На средбата која беше од заеднички интерес беше разговарано за поголема туристичка промоција на Дојран помеѓу Британските туристи кои имаат интерес да ја посетат нашата општина и да се запознаат со фронтовата линија која сведочи за Првата Светска Војна. Исто така, беше разговарано за пристапните фондови кои ги нуди Амбасадата, а кои општината би можела да ги искористи за реализирање на проекти.

Амбасадорката се запозна со досегашната работа на Градоначалникот, тековните активности и проекти и ја изрази својата воодушевеност од природниот потенцијал кој го има Општина Дојран.