Сегашното Дојранско Езеро е остаток од некогашно Пеонско Езеро (познато уште и како Стримонско Езеро) и припаѓа на т.н. Пajонска група на природни балкански езера. Врз основа на современите научно – стручни податоци за генезата и развојот на Дојранското Езеро може да се изведе општ заклучок дека тоа е типично еутрофно езеро од времето на плиоценот, значи со старост која се цени на повеќе милиони години. Во согласност со Рамсар Конвенцијата за класификација на водните системи, езерото е карактеризирано како континентално, перманентно надополнувано со свежа вода.

Дојранското Езеро е лоцирано на границата помеѓу Република Грција и Република Македонија. Сливот на Дојранското Езеро покрива површина од 270 км2, од кои на Република Македонија и припаѓаат 88,03 км2 (32,6%) а на Република Грција 181,97 км2 (67,4%). Самото езеро има елипсоидна форма со обем од 26,2 км од кои на македонска страна и припаѓа 14,80 км (56,49%), а на грчката страна 11,40 км (43,51%), при ниво на водата од 140 метри (грчката страна релативна кота од 146,66 метри) има површина од 42,5 км2 и зафатнина од 289,61  милиони м3 вода. 62,54% од површината на езерото, односно 26,58 км2 и припаѓа на РМ, а 37,46% односно 15,92 км2 на Грција. Должината на езерото е 8,9 км, а најголемата широчина е 7,1 км. Просечна длабочина е 6,7 метри а најголемата е околу 10 метри. Оперирајќи со метрите надморска височина, односно котите 160 и 148 метри (висинска разлика меѓу некогашната и сегашната линија на брегот) впечатлива е висинската разлика од 12 метри. Висинската разлика од 12 метри, во смисла на симнувањето на езерото низ минатото е одраз на неговата еутрофичност, односно природно еволутивно стареење. Интересно е што за симнување на нивото на езерото за околу 7 метри (од 160 на 153 метри) биле потребни милиони години, а загрижувачки е што од прокопувањето на каналот Ѓолај (1808 година) односно за неполни 200 години (од 1808 до 1988 година) забележано е симнување на неговото ниво за цели 5 метри. Најголеми намалувања на волуменот се забележани во 1956/ 57 и 1988/ 89 година, и во двата случаи поради енормни испуштања на вода преку каналот Ѓолај. Од 1988 – 2000 година нивото на езерото постојано се намалува и ја достигнува најниската точка од – 3,88  метри под нултата точка. Заедно со загубениот воден столб од 2,4 метри над нултата точка произлегува дека водниот столб на езерото се намалил за 6,28 метри. Последните неколку години со изградба на системот за полнење на езерото и поповолната хидролошка состојба нивото на езерото е покачено за околу 1,80 метри од апсолутниот минимум.

Флора & Фауна

Дојранското Езеро е еутрофно езеро, заради големата продукција на органска материја. Животинскиот свет е претставен од без’рбетници (праживотни-едноклеточни животни, сунгери, црви, мекотели, членконоги, инсекти и др), како и претставници од ‘рбетниците (риби, водоземци, влекачи, птици и цицачи). Во Дојранското Езеро регистрирани се 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, 1 вид претставува локален ендемит. Некои без’рбетници (посебно вилинските коњчиња) и неколку видови птици, се наоѓаат на листата на CORINE. Дојранското Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици во огради од трска, т.н. мандри.

Флора

Од субмерзните растенија најчести се: Ceratophyllum demersum, Najas marina, Potamogeton perfoliatus, Myriophyllum spicatum, Vallisneria spiralis и други. Видот Najas minor е ограничен на поплитките јужни рабни делови на езерото, додека Myriophyllum spicatum e присутен скоро во сите заедници, но најбујно се развива на длабочини од 40 cm, образувајќи огромни подводни ливади.

Najas marina и Potamogeton perfoliatus се развиваат скоро подеднакво бујно се таа разлика што Najas marina продира во длабочина од 3 метри, додека Potamogeton perfoliatus и подлабоко.
Видовите Centaurea rifidula, Verbascum doiranense, Verbascum burgeffi и Astragalus thracicus doiranensis се опишани од локалитети кои во рамките на Дојранскиот базен или блиску до него.

Микрофлорната компонента на Дојранското Езеро до 1988г. ја сочинуваа 257 фитопланктонски и перифитонски таксони. Улогата на главен рпоиздевудач на органски материи во езерскиот еко – систем ја имаат планктонските алги – фитопланктонот – кој е почетна алка во низата синџири на исхрана во езерото. Дојранското Езеро се одликуваше и со многу богат, разновиден перифитон, како посебна еколошка асоцијација. Опаѓањето на водата од Дојранското Езеро кое пропатено со промени и на еколошките параметри, доведува до редукција на квалитетот на видовиот состав.

Фауна

Биодиверзитетот на фауната на Дојранското Езеро и Котлината е комплексен, како од таксономски така и од еколошки аспект. Претставниците од типот Protoza (праживотни) се многу слабо истражени. При истражувањата (Поповкса-Станковиќ 1999-2000) е регистрирано присуство на претставниците од родот Diflugia черупести амеб, типични жители на блатата и мочуриштата. Останати регистрирани видови на протози во езерото припаѓаат на родовите Epistylus и Vorticella. Тоа се седентарни, екто – комензални форми кои се утврдени на копеподната каланоида Eudiaptomus gracili. Оваа каланоида за прв пат се јавува во планктонската заедница на Дојранското Езеро од пред 10 години.

Единствени податоци кои се однесуваат на паразитните протози, се презентирани од страна на Христовски(1999). Притоа тој ги утврдува следните 3 вида:
Myxobulus cyprini
Thelohanellus nikolskii
Trichodina sp
Од типот Porifera (сунѓери) во Дојранското Езеро е регистрирана фамилијата Spongillidae, присуство на три вида меѓу кои и ендемичниот дојрански сунѓер Spongilla carteri dojranensis. Во рамките од типот Plathelminthes (сплескани црви) се посочени претставници од класите Turbellaria и Cestoda.

Типот Mollusca во Дојранското Езеро е претставен со видови од двете класи Gastropoda (полжави) застапена со 21 вид помеѓу кои и дојранскиот ендемичен полжав Graecanatolica macedonica и Bivalvia (школки), пет вида помеѓу кои највпечатлив е видот Dressena polimorpha.

Од типот Прстенести Црви (Annelida) во Дојранското Езеро прочуени се главно претставителите од класите Малкучетинести црви (Oligochaeta) и пијавици (Hirudinea) како и бранхиобделидите од кои 4 вида се прифатени како дојрански ендемити. Со намалување на речниот рак во водите на Дојранското Езеро има негативен ефект и врз опстанокот на четирите дојрански ендемични бранхиобделиди.

Класата Oligochaeta застапена е во 22 вида во Дојранското Езеро, вкучително дојранскиот ендемичен вид Isochaeta dojranensis.
Претставници од типот Членконоги (Arthopoda), во Езерото и Дојранската Котлина се застапени со најголем број видови.
Подтип Crustacea, е богато застапен во водите на Езерото, класата Copepoda е со сите три реда слатководни копеподи, ендемичната дојранска циклопоида Microcyclops varicans dojranensis.
Поддипот Трахеати е најброен со видови во рамките Antropoda.
Од редот Вилински Коњчиња (Odonata) регистрирани се 39 видови.
Од претставниците на редот Пролетници (Prekoptera), видот Rhabdiopteryx dojranensis е дојрански ендемит.
Од редот пепeрутки (Lepidoptera) вкупно има 526 видови во Дојранскиот Басен и Дојранската Котлина, што претставува огромна концентрација на диверзитетот на една ограничена територија.
Од редот Diptera во Дојранското Езеро е претставен со видови на фамилијата Хирономиди (Chironomidae) регистрирани 51 вид. Тие имаат значајна улога во бентосната заедница на Дојранскотот Езеро.
Од типот Хордати (Chordata) во фауната на Езерото и Котлината се присутни претставници на подтипот Р’бетници (Vertebrata). Вертебратите ја сочинуваат најзначајната група во зоологијата, како по степенот на сложеноста на својата градба, така и по богатството и диференцраноста на формите.

Во рамките на еко- системот Дојранско Езеро класата Водоземци (Ampgibia) е претставена со 10 видови. Видовите Rana balcanica и Trituris karelini, како и подвидовите Pelabates syriacus balcanicus, Bombina variegata scarba и Triturus vulgaris graecus се Балкански ендемити.
Од класата Влечуги (Reptilia) за Дојранското Езеро и Котлината утврдени се 23 видови. Подвидовите Emus orbisularis hellenica, Cyrtodactylus kotschyi skopjensis, Ablepharus kitaibeleii stepaneki и Podarcis ergardii riveti се Балкански ендемити.

Риболов

Риболовот на Дојранското Езеро отсекогаш бил главна економска активност за локалното население. Во минатото, во светската научна литература езерото е претставувано како едно од најпродуктивните езера во Европа, играјќи значајна улога во обезбедувањето на локалното население со риба. Просечниот годишен улов претставувал 50% од вкупниот национален улов на риба во РМ (пред започнувањето на поинтензивна изградба на вештачки рибници). Дојранското Езеро е исто така познато по уникатниот начин на рибарење. Од најстарите времиња, локалните жители ја користеле трската на најразлични начини, вклучително за рибарење. Големи количини на трска се користеле за правење на специјални стапици за риби, со различна форма, дизајн и големина (мандра, насека, фунта). Рибарите притоа ловат водни птици, на кои им се сечат примарните перја и ги чуваат близу мандрите. Овие птици всушност се користат како гоничи на рибата во рибарските стапици. Ваквата стара техника за рибарење е многу ефикасна, бидејќи само од една мандра на ваков начин може да се уловат од 20 000 до 30 000 килограми риба. Опаѓањето на нивото на водата на езеротои влошувањето на нејзиниот квалитет, имаше негативно влијание на начинот на ловење на риби и на самиот рибен фонд.

 Дојранското Езеро од агонија до живот

    Во духот на човекот е да создава големи дела, кои треба да сведочат за времето кое поминало, дела кои ќе бидат гордост, кои ќе останат како пример и предизвик за сите народи и држави во светот. Проектот за спас на Дојранското Езеро остава посебен белег, кој како колосално дело претставува гордост, предизвик и симбол на борбата за исправување на една голема неправда кон природата. Со изградбата на хидро-системот и доведувањето дополнителни количества вода во Дојранското Езеро, направен е најголемиот чекор за спас на Езерото, за враќањето на животот на овие простори и за спас на честа на македонската држава. Овој проект е гордост, пример и предизвик, а заштитата на Дојранското Езеро, стои пред сите нас како наследство и обврска.

Реализација на Проектот за спас на Дојранското Езеро

    Крајот на дојранската агонија беше Проектот за доведување дополнителни количини вода во Езеротом со искористување води од бунарите кај Ѓавачко Поле. Со овој проект се нудеше техничко решение, со кое на најбрз и најекономичен начин се обезбедува квалитетно количество вода за Дојранското Езеро.

    Оваа варијанта првично, на ниво на Студија, е изработена во 1995 година од “Пелагонија Проект”. Во 1999 година Министерствово за животна средина и просторно планирање изготви синтезен материјал за презентација на Студијата за експлоатација на подземните води од Ѓавачко Поле за обезбедување дополнителни количини вода за спас на Дојранското Езеро. Студијата за обезбедување на доплнителни количини вода за дополнување на Дојранското Езеро од локалитетот Ѓавачко Поле, подетално ја разработи “Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање”, во 2001 година. Градежниот Институт-Македонија-ГИМ ги изведе деталните хидрогеолошки истражувачки работи, со цел да се утврди капацитетот на изданот и целосно да се испита штедроста на бунарите, како и да се дефинираат пошироките води на алувијалниот издан по квалитет и квантитет. Пробното тестирање покажало дека овој алувијален издан изобилува со вода и ги задоволува проектираните 1000л/сек.

    Интегралниот пристап кон реализирањето на проектот за спас на Дојранското Езеро и опфаќање на сите сегменти, кои имаат допирни точки со заштитата на Езерото и создавањето на реални и здрави основи за успешна реализација на Проектот, како и вистински и одржлив концепт за ревитализација на Езерото и околината, беа основа за реализирање на овој Проект. Во таа насока Министерството за животна средина и просторно планирање формира експертски тим, кои имаше задача да изврши еднократна експертиза за утврдување на квалитетот на подземните води(од аспект на Фауна и Флора – агресивни таксони и индикатори за загадување) во реонот на Ѓавато(околината на Богданци), а во функција на применување на истите за Дојранското Езеро. Експертскиот тим беше во состав: проф. д-р Панче Стојановски, редовен професот на ПМФ-Скопје, Институт за биологија; проф. д-р Гордан Караман, академик и редовен професор на ПМФ-Подгорица; проф. д-р Живојин Блажевиќ, редовен професор на факултетот за ветеринарна медицина-Белград, проф. д-р Јелена Блаженчиќ, редовен професор на Биолошкиот Факултет-Белград и д-р Божана Караман, кустос советник на Природно – Научниот Музеј во Белград. Испитувањата на подземните води во Ѓавато започнаа на 5 и 6 септември 2000 година, а собраните примероци за биолошка анализа од подземната вода се анализирани во Лабораторијата за био-технологија и систематика на нижите растенија при Институтот за биологија ПМФ-Скопје. Од извршената анализа, експертскиот тим на 08.09.2000г. даде мислење дека може да се пристапи кон реализација на Предлог Проектот за воведување на подземните води од реонот Ѓавачко Поле во Дојранското Езеро. Оваа експертска анализа, заедно со Физичко хемиската и биолошката анализа на водите од Ѓавато, направена од страна на Заводот за здравствена заштита од Велес, општинска единица Гевгелија, на 10.01.2000г. во функција на испитувањето за здравствената исправност на водата за пиење, беше потврда за компатибилноста на водите од Ѓавато со водите од Дојранското Езеро.

    За да започнат активностите на терен, главниот проект го изготви ДОО “Простор” од Куманово, а студиите за оцена на влијанието на хидро-системот врз животната средина т.е. на трасата, како и оцена за влијанието на бунарите врз реката Вардар ги изготви “Аура Инвест” – Скопје.

    За надзорот над целата работа и реализација на проектот беше ангажиран и Градежниот Институт – Македонија.

    На 19 февруари 2002 година, Владата на РМ формираше Јавно претпријатие за водостопанисување со хидро-системот “Дојранското Езеро” – Стар Дојран, а за директор го назначи г-дин Филип Дончевски.

    Со поставување на камен темелник на 6 мај 2002 година, кај местото Топлец, започна изградбата на предизвикот. Предизвик, кој значеше порака до сите.

    Проектот е реализиран во рекордно време, во кој беа вклучени, исклучиво македонски фирми: Градежната оператива “Гранит”, “Бетон”, “Пелагонија” и “Маврово”, фабрика за цевки – “ФЗЦ 11 Октомври” од Куманово, Градежниот Институт Македонија – ГИМ и Електростопанство на Македонија со ЕМО-Охрид.

    Се изгради хидро-системот во должина од над 20 километри, со 10 бунари кај Ѓавато со капацитет од 100l/sec од бунар. беа ископани и насипани 180 m3, бградени 6000 тони челични цевки, изградени 2 изливни базени (Богданци и Дојран) со капацитет од 300 m3 и препумпен базен Ѓавато со капацитет 600 m3, изградена машинска хала со 6 хоризонтални ценрифуглани пумпи како и автоматска контрол на системот. Комплексноста на овој проект е содржана и во неговата комплексност во функционирањето, бидејќи е составен од:

  • Бунарско подрачје
  • Цевковод
  • Отворен канал
  • Енергетски дел

Дојран – 8 септември 2002 година

    Идејата, желбата, ентузијазмот, упорноста, беа насочени кон моментот на протекувањето на првите литри вода низ каналот кај Топлец. Исчекувањето започна на 4.9.2002г. кога од бунарите кај Ѓавачко Поле со првите литри вода почна да се полни хидро-системот. Вербата дека се прави големо дела, кое значи живот, гордост и почит, целиот период додека се реализираше проектот беше силна гаранција дека ќе успее.

    Првите литри вода кои потекоа низ каналот, утрото на денот на македонската независност, беа реката која донесе живот и ја врати душата на Дојранското Езеро.

Заследете не

Кеј 5-ти Ноември бб
1487 Стар Дојран,

Пон – Петок
07:30 – 15:30

Приемни денови

Одделение за даноци, такси и други приходи и Данок на имот – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Одделение за урбанизам – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Комунално одделение – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Новости и ажурирања

Најновите вести, написи и ресурси на Општина Дојран, испратени директно до вашата е-маил адреса.

Општина Дојран 2023 - Сите права се задржани

Accessibility