Почитувани граѓани,
Водите на Дојранското Езеро се еден од најважните ресурси за нашата Општина но и за целата држава, затоа посветеноста на Општина Дојран е во насока на директна заштита на езерото. Општината доследно спроведува интегриран пристап во управувањето со водите со акцент на еколошкиот аспект, затоа што водите се ставени под надлежност на Министерството за животна средина. Приоритетите на Општина Дојран остануваат да бидат заштита на езерските води. Да се остане совесен граѓанин е многу важно, да се издржи на принципите во кои веруваш, исто така. Ниеден притисок не може да нè скршне од планираната ревитализација на крајбрежјето, таа сега е веќе научно аргументирана и еколошки неопходна. Почитувани Дојранчани, Општина Дојран тврди дека ИМАМЕ ПРАВО НА ЧИСТО ЕЗЕРО и имаме обврска за него да се избориме – сите заедно.
Целосно ги демантираме наводите на новинарот Мартин Пушевски дека при реализација на проектот, предвидено е тињата која ќе биде извадена од брегот на Дојранското Езеро, да се исфрли повторно во внатрешноста на езерото.
Појаснуваме дека загадувањето и таложењето на тиња, претставува најголема закана за разновидноста на водниот свет во езерото! Како резултат на тињата, многу езера го намалија својот капацитет на вода и нивната средна длабочина.
Целта на овој проект е чистење и одвлажнување на Дојранското Езеро заради зголемување на длабочината на езерото и подобрување на водниот режим. Во таа насока, извадената тиња од крајбрежјето на езерото, нема да се враќа во неговата внатрешност, туку истата ќе биде складирана во приемни касети на погодна локација, по што ќе се изврши хемиска и биолошка анализа на тињата за да се испита нејзината погодност за користење како органско ѓубриво во земјоделството.
Потенцираме дека, третманот за физичко отстранување на тиња е техника практикувана во светски размери! Предноста на ископувањето на тињата, е што овој процес ќе ги отстрани и органските и неорганските соединенија, поточно фосфорот и азотот кои штетно влијаат на живиот езерски свет така што ја намалуваат резервата од кислород во водата, а од друга страна формираат дополнителни количини на фосфор и азот.
Врз основа на заклучоците на Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското Езеро од 2015 година, изготвен од Регионалниот центар за животна средина на Република Македонија, Општина Дојран се заложи за ревитализација на крајбрежјето на езерото. Екипата која го изработи Извештајот е сочинета од врвни експерти во лимнологија (наука за езера), што е спротивно на тврдењата дадени во статијата дека за спроведување на проектните активности не се консултирани стручни лица од областа на екологијата.
Во однос на тврдењето на професорот Александар Трендафилов, дека “ќе се уништат толку фалените алги”, упатуваме на заклучоците на Извештајот за утврдената состојба на флората и фауната на Дојранското Езеро од 2015 година и стручните наводи во универзитетската книга “Геохемија на средина” од професорите Блажо Боев и Соња Лепиткова, каде стои дека алгите пречат во филтрацијата, односно разводнувањето на водата и според утврдената состојба со алгалната флора, Дојранското Езеро се наоѓа под континуиран притисок од високи концентрации на отпадни материи што доведува до лоша еколошка состојба и лош статус на квалитетот на водата.
До Министерството за животна средина и просторно планирање, доставено е известување за изведување на планираните активности. Планот за чистење на крајбрежјето на Дојранското езеро, нема да се реализира до добивање на соодветно стручно мислење од страна на министерството, а воедно од истото побарано е да номинира стручни лица кои ќе бидат вклучени во активностите на проектот.
Согласно Планот за управување и Годишната програма за заштита на природата на Дојранското Езеро, Општина Дојран ќе го реализира и планот за реконструкција на пречистителната станица за отпадни води – директно финансиран од страна на Владата на Република Северна Македонија – за подобрување на нејзиниот капацитет и на самиот третман на отпадните води. Набавивме и сувоземно-пловен багер – „Амфибија“ за собирање на пластичен и зелен отпад (бујна вегетација) во Зоната на одржливо користење на Дојранско Езеро. Набавката на возилото финансиски е овозможена од Европската Унија во рамки на Проектот Интегриран систем на управување со екосистемот на Дојранското Езеро.
Општина Дојран работи и ќе продолжи да работи во насока на подобрување на квалитетот на водите на Дојранското Езеро, овозможувајќи им на граѓаните да го остварат своето загарантирано право на здрава животна средина.