Месец: м.г

Општина Дојран за прв пат од своето постоење набави возило за брза помош

Општина Дојран за прв пат од своето постоење обезбеди комплетно ново амбулантно возило.

Возилото за брза помош ќе биде постојано достапно и на располагање за жителите од Општина Дојран кои имаат потреба од брза интервенција.
Со оваа набавка дополнително се зајакнуваат капацитетите за транспорт на пациенти и се овозможува побрз и полесен пристап на пациентите до потребните здравствени услуги, особено што станува збор за пациенти во животозагрозувачка состојба, кога брзата реакција е од витално значење.
Амбулантното возило исто така ќе биде од голема помош во месеците кога Општина Дојран има зголемен број на туристи и посетители.
Во случај на итни здравствени интервенции жителите на општината, но и туристите ќе имаат брз, сигурен и безбеден здравствен транспорт.
Градоначалникот Ангов изрази особена благодарност до транспортната фирма Руски транс за донацијата и секако им се заблагодари на министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и директорот на ЈЗУ здравствен дом со проширена дејност Гевгелија, г-дин Митко Крџев за нивното присуство на примопредавањето на амбулантното возило.
Новото амбулантно возило е со целосна високостандардна медицинска опрема.

Промовирани потенцијалите за инвестирање во Дојран пред економските советници при МНР

Економските советници при Министерството за надворешни работи кои наскоро ќе не претставуваат во нашите дипломатско – конзуларни претставништва во Абу Даби, Минхен, Варшава и Анкара беа на работна посета во Општина Дојран.
Пред нив беа презентирани капацитетите и потенцијалите на Дојран, а секако беа разгледани можностите за развој и инвестиции во туризмот, зголемување на капацитетите во индустријата и инвестиции во земјоделството, особено изнаоѓање на нови пазари за пласман на овошје и зеленчук.
Беше презентирано и учеството на Република Северна Македонија на Expo 2020 Dubai, каде ќе се претставува и Општина Дојран.
Присуствуваа и претставници од стопанскиот сектор кои дејствуваат на територијата на нашата општина, разговараа за можност за зголемување на нивните капацитети и изнаоѓање на нови партнери за соработка.

Одложено првото прскање против возрасни комарци во општините во Југоисточниот регион

Се известуваат граѓаните од општините во Југоисточниот регион, дека СЕ ОДЛОЖУВА првото прскање против возрасни комарци кое беше предвидено да се изврши на 07,08,09 Јуни 2021 година.

Прскањето се одложува поради неповолни временски услови т.е појава на врнежи во предвидениот период, а за спроведување на планираното прво прскање против возрасни комарци, граѓаните од Југисточниот регион ќе бидат дополнително известени.

Прво прскање против возрасни комарци по земјен пат во Општина Дојран

Се известуваат сите граѓани на десетте општини во Југоисточниот плански регион, дека првото прскање против возрасни комарци ќе се изврши во период од 7 до 9 Јуни 2021 година, со следниот распоред:

  1. На 07.06.2021 година (Понеделник), во период од 20 до 04 часот во општините Валандово, Дојран, Гевгелија и Богданци.
  2. На 08.06.2021 година (Вторник), во период од 20 до 04 часот во општините Ново Село, Босилово, Василево и Струмица.
  3. На 09.06.2021 година (Среда), во период од 20 до 04 часот во општините Радовиш и Конче.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

 

Водата од Дојранското Езеро е одлична за капење и рекреација!

Редовните испитувања на водата од Дојранското Езеро покажаа дека истата е во одлична состојба и е безбедна за капење и рекреација на луѓето.
Според последните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико” е докажано дека водата кај трите споменати плажи е во одлична состојба и истата може да се користи за капење и рекреација на луѓето.
Во прилог се извештаите од стручното мислење за здравствената безбедност на водата од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес.