Месец: м.г

Работен состанок во Амбасадата на Република Словенија

Градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов оствари работен состанок во Амбасадата на Република Словенија.
Амбасадата на Република Словенија на чело со Амбасадорот Милан Предан останува стратешки и долгорочен партнер на општина Дојран пред се во реализација на клучни проекти за заштита и ревитализација на Дојранското Езеро.
На средбата заедно беа дефинирани клучните приоритети за заштита на Езерото, а воедно општината веќе има реализирано и низа од неколку успешни проекти.
Главна цел како и досега, така и во иднина ќе биде развој на еко- туризмот и Дојран да стане првата еко-туристичка дестинација во државата.
Општина Дојран веќе подолго време заедно со невладината организација Милиеу контакт изработува физибилити студии и проектни документации кои се основата за почеток на реализсција на овие проекти за заштита на Езерото.
Општина Дојран и Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија веќе имаат воспоставено одлична соработка. Во иднина истата ќе се продлабочува во интерес на двете земји.

Конзервација на турската бања – амам

Завршена е конзервацијата на старата турска бања – амамот во Стар Дојран. Истата е ставена во функција за посета, како нова туристичка атракција за посетителите и локалното население.
Целиот проект се реализираше со средства обезбедени од ИПА прегуранична соработка со Р.Бугарија, проект кој беше во пакет со реконструкција на “Саат кулата” и пристапните патеки до истите.
Збогатувањето на туристичката понуда и туристичките содржини е еден од врвните приоритети на општина Дојран заради зголемување на атрактивноста и опсегот на една туристичка сезона.
 

Средба со здружение на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Гевгелија

Денеска заедно со членовите на здружението на лица со телесен инвалидитет од Гевгелија,Богданци и Дојран -Мобилност Гевгелија имавме конструктивен разговор. Ги мапиравме проблемите кои без поголеми финансиски издатоци ќе го направат Дојран поунклузивен и погостопримлив за оваа категорија граѓани.
Договорена е долгорочна соработка и потпишување на меморандум со што денешните предлози ќе станат реалност во блиска иднина. Обележување на паркинг места за лица со попреченост, обезбедување на јавен тоалет за лица со инвалидитет, како и поголемо внимание на пристапноста до и во објектите од јавен и приватен карактер беа посочени како приоритетни активности кои во блиска иднина ќе се реализираат.
Грижата за сите е наша обврска!

Одбележан 5ти Ноември, денот на ослободувањето на Дојран

“Ние се втемеливме, вие градете”, пишува на спомен обележјето во градскиот парк во Нов Дојран.
Денес, го одбележуваме 5ти Ноември, денот на ослободувањето на Дојран и се потсетуваме на аманетот на нашите претци. Да продолжиме да градиме, да го сакаме, одржуваме и чуваме нашиот Дојран. За нивна чест – за нашите борци, но и за нас кои сме овде сега, а и за нашите деца кои се нашата светлост и иднина.
По повод денешниот празник беше одржана свечена седница на Советот на општина Дојран каде беше одлучено со плакети и благодарници да бидат наградени поединци и здруженија кои дале посебен придонес за развојот на нашата општина.
Д-р Драгица Тончева прими плакета за особен придонес, несебично залагање и посветеност во работата како долгогодишен лекар во општина Дојран.
Здружението на пензионери прими плакета и благодарница за особен придонес во афирмација и промоција на општината.
Фудбалскиот клуб “Џокер” од с. Фурка доби благодарница и плакета за особен придонес во развојот на спортот и Доброволното противпожарно друштво Дојран исто доби плакета и благодарница за нивната посветеност во справувањето со пожари и други природни непогоди.
Свежо цвеќе беше положено на спомен обележјата во Стар и Нов Дојран, а учениците од О.О.У “Кочо Рацин” од Нов Дојран трчаа крос и добија соодветни награди за резултатите од трката, но и за нивните поетски и литературни творби.
На пригодна свеченост беше пуштена во употреба саат кулата во Стар Дојран каде и беа доделени плакетите и благодарниците на заслужните граѓани и здруженија.
Ви посакувам честит празник, да го славиме заедно долги години и се разбира, сите сплотено да придонесуваме за подобар живот и развој на нашата општина.
Честит 5ти Ноември!