“Ние се втемеливме, вие градете”, пишува на спомен обележјето во градскиот парк во Нов Дојран.
Денес, го одбележуваме 5ти Ноември, денот на ослободувањето на Дојран и се потсетуваме на аманетот на нашите претци. Да продолжиме да градиме, да го сакаме, одржуваме и чуваме нашиот Дојран. За нивна чест – за нашите борци, но и за нас кои сме овде сега, а и за нашите деца кои се нашата светлост и иднина.
По повод денешниот празник беше одржана свечена седница на Советот на општина Дојран каде беше одлучено со плакети и благодарници да бидат наградени поединци и здруженија кои дале посебен придонес за развојот на нашата општина.
Д-р Драгица Тончева прими плакета за особен придонес, несебично залагање и посветеност во работата како долгогодишен лекар во општина Дојран.
Здружението на пензионери прими плакета и благодарница за особен придонес во афирмација и промоција на општината.
Фудбалскиот клуб “Џокер” од с. Фурка доби благодарница и плакета за особен придонес во развојот на спортот и Доброволното противпожарно друштво Дојран исто доби плакета и благодарница за нивната посветеност во справувањето со пожари и други природни непогоди.
Свежо цвеќе беше положено на спомен обележјата во Стар и Нов Дојран, а учениците од О.О.У “Кочо Рацин” од Нов Дојран трчаа крос и добија соодветни награди за резултатите од трката, но и за нивните поетски и литературни творби.
На пригодна свеченост беше пуштена во употреба саат кулата во Стар Дојран каде и беа доделени плакетите и благодарниците на заслужните граѓани и здруженија.
Ви посакувам честит празник, да го славиме заедно долги години и се разбира, сите сплотено да придонесуваме за подобар живот и развој на нашата општина.
Честит 5ти Ноември!