Месец: м.г

Дојран гурман фест 2022

Песната, музиката, дружењето и споделувањето убавини не признаваат разлика во годините, ниту пак се важни временските прилики. Тоа се докажа и синоќа, на манифестацијата “Гурман фест”посветена на дојранската софра, музика и култура.
Она што е многу поважно од сите надворешни фактори е празнувањето и одбележувањето на народниот мелос, чувањето и негувањето на македонската етно традиција, музичкото творештво и нашата дојранска културна ризница, ризница која не обединува, ни е заедничка нишка, не зближува и преку ваквиот вид на манифестации ја чуваме традицијата на Дојран од заборав.
Токму таква музичка ревија му доликува на Дојран, еден од најопеаните градови во Македонија и соседството.
“Мерак меана” заедно со инзворедните артисти докажаа зошто го заслужуваат медиумското внимание кое им се посветува.
Професионалци во музиката, изведбата, сценскиот настап.
Здружението на жени“ Дојрана” и овој пат ги покажаа неверојатните кулинарски способности. Ние како домаќини, но и многубројните гости, вљубеници во автентичните вредности беа воодушевени од разновидноста и богатството на трпезата. Рибата подготвена на мал милион начини му даде посебен белег на настанот.
Може да се заклучи дека се на се, манифестацијата беше за паметење. Дружба, песни, ора, насмеани и ведри лица. Дожд на отворено, но сонце и радост во душите.
Дојран, те сакаме, вчера и денес и засекогаш – ќе ги одбележуваме значајните работи кои ги носиш како белег, затоа што ти тоа заслужуваш.

Игралиште во чест на Емилија Динева

Донаторите на органи се вистински херои, Емилија Динева е една од нив. Нејзиното име засекогаш ќе биде запаметено во поновата медицинска историја кај нас, таа беше и ќе остане синоним за добрина, хуманост, човекољубие. Емилија на еден несекојдневен начин, благодарение на несебичноста на нејзиното семејство – продолжи да живее, нејзиното срце физички, а нејзиниот дух и убавината на нејзиното постоење емотивно, во секој од нас.
Навршија две години откако нашата драга сограѓанка, органодонор – Емилија, не е физички помеѓу нас, токму затоа сите ние, соседи, пријатели, роднини, почитувачи на нејзиното дело, познавајќи ги нејзините желби го направивме ова детско игралиште, за постојано овде да се слуша детски џагор, онака како што таа сакаше… да биде опкружена со деца, со смеа, најмногу од се, со љубов. Токму на таков начин е изградено и ова игралиште – со донации, со желба да постои, со многу почит и љубов. Ви го предаваме вам, драги пријатели, добронамерници, да престојувате овде и засекогаш да го зачуваме споменот за нашата драга сограѓанка.
Збогувањата се само за оние кои љубат со своите очи. Затоа, за оние кои сакаат со срцето и душата не постои такво нешто како разделбата. Емилија, ти не не напушти, иако твоето срце продолжи да чука во друго тело и не си физички помеѓу нас, убавината на твоето постоење засекогаш ќе го носиме во себе.
Ти благодариме за добрината која ја остави позади себе, твоето име ќе биде забележано во колективната меморија на нашиот народ и ти, драга Емилија никогаш нема да бидеш заборавена.