Според Програмата за еднакви можности помеѓу жените и мажите во Општина Дојран, оваа календарска година предвидено е да се реализираат обуки за спречување на врсничкото насилство односно булинг во училиштата, како и обука, односно предавања за спречување на малолетнички бракови.
Во соработка со стручни лица од Центарот за социјални работи од Гевгелија изминатиот период се спроведуваа обуките за спречување на малолетничките бракови. Истите е замислено да се одвиваат во основните училишта во сите населени места од општината, како и во домовите на таргет – семејства, односно семејства во социјален ризик и семејства каде живеат малолетници, а стручниот тим се согласил дека е добро да бидат посетени и кај нив да се одржи обуката за спречување на малолетничките бракови.
Наидовме на огромен интерес за темата, беа посочени примери од страна на учесниците во обуката, особено од ромски и турски семејства за вонбрачни заедници на малолетници, како и неколку примери за малолетнички бракови од нивното непосредно опкружување.
Ставот на стручните лица е дека малолетничките бракови се аметнати од неискоренетите стереотипи во традиционалните семејства, според искуството на експертите, најчесто очекувањата се дека девојчињата треба да останат во семејството, да помагаат околу домаќинството, да се грижат за своите помали браќа и сестри, а таму каде што има млади мајки да се грижат за своите деца. Тоа е и клучната и главната причина зошто го напуштаат образованието, но не е единствената. Според законот за семејство, во брак може да стапи лице кое има наполнето 18 години. Во случај лицето да е малолетно надлежниот суд може да одлучи дека лице коешто наполнило 16 години може да стапи во брак, доколку исполнува одредени критериуми за физичка и ментална зрелост по процена од центарот за социјални работи и здравствена институција да добие дозвола да стапи во брак.
Но, иако се ретки, постојат малолетнички бракови што не можат да се официјализираат заради тоа што лицата кои сакаат да живеат во брачна заедница не го исполнуваат тој законски минимум од 16 години. Според Кривичниот законик, детските бракови се забранети, а животот во вонбрачна заедница со малолетни лица се смета за повреда на правата на децата и претставува кривично дело. Околу 15-20 проценти од малолетничките бракови се помеѓу децата Роми. Сепак, ова не треба да биде причина за стигматизација за ромската заедница затоа што останатите 80-85 проценти припаѓаат на другите етнички заедници во нашата држава.
Освен што малолетничките бракови имаат негативно влијание врз здравјето на младите девојчиња тоа е и една од причините за напуштањето на училиштето. Раната бременост може да ги принуди девојчињата да го напуштат училиштето без да ги завршат студиите и без потребните вештини, тие се соочуваат со тешкотии да најдат работа и следствено се изложени на висок ризик од сиромаштија.
Токму поради овие причини, Општина Дојран заедно со стручниот тим од Центарот за социјални работи и во наредниот период ќе врши едукација за ризикот од малолетнички бракови, како и нивното спречување и одложување за подоцна во животот.