Оваа недела ја посветуваме на нашите уметници, новинари, писатели, спортисти. Токму затоа, направивме интервјуа со истакнати македонски новинари, писатели, културни работници.

Првото интервју за dojran.gov.mk го даде Александра Јуруковска, наша позната новинарка и писателка.

 

Александра, мислите ли дека туристичките дестинации во Македонија, вклучително и Дојран се доволно добро промовирани/рекламирани во нашата држава, а потоа во странство?

А.Ј – И да и не. Можеби предничи Охрид со сите епитети за него, но како човек кој собира, слуша и раскажува приказни, секогаш мислам дека имаме уште многу што да си раскажеме и себеси и на светот. Секако тука мислам и на приказните за Дојран, за неговата историја, за неговата убавина, топлината не само на езерото и околината, туку и на луѓето што живеат покрај тоа мало водено богатство.

Како автор на книги, новинар и водител што мислите кој е најдобриот начин да се испромовира едно туристичко место?

А.Ј – Повторно, преку приказни. Ми се случувало и не многу атрактивно место, да ми стане фасцинантно токму поради некоја слушната или прочитана приказна за него и обратно, најголемите атракции да бидат празни и голи градби, ако за нив не ве врзе некоја приказна. И кога мислам на приказни, тука мислам на добро осмислена структурирана целосна приказна што ќе значи целосна и одржлива понуда за тоа место.

Знаеме дека патувањата во странство се многу поатрактивни, меѓутоа дали сте се обиделе да ги откриете убавините на Македонија, дали сте патувале на места кои не се толку познати, можеби скриени, но места кои се вредни за посета?

А.Ј – Да, да. И секогаш го велам истото, дека имаме мала, но преубава земја, полна богатства, историја, прекрасна местоположба, вкусна храна и многу, многу приказни. Не можам да се пофалам со оригинални авантури или места кои не биле претходно открени, но можам да кажам дека останувам љубопитна да отидам кај што не сум била и да ги доживеам на мој оригинален начин

Дојранското Езеро е едно од трите природни езера во Македонија, не се сомневам дека сте го посетиле Дојран, може ли да ни ги откриете вашите импресии од престојот?

А.Ј – Неколку многу лични асоцијации за Дојран: мир, спокој, топлина. Паметам еден неверојатен април во Дојран, кога ми се врати мирот што го имав изгубено и вер(б)ата која тогаш ми беше најпотребна. Иако Стар Дорјан не е голем, прошетката од манастирот Марија Магдалена до старата црква Свети Илија ми дојде како вистински аџилак. И секако, очите сами застануваат над водата и почнува откривањето на загатката– каква е бојата на ова чудесно езеро?! Среќно на оние кои трагаат по конечни одговори!

Контрапункт: Еден палав септември полн сонце, калинки низ дворовите, испоседнати рибари на брегот, нивните чамци и кајчиња на мирување, а јас и сопругот пуштени на најјако како трчаме по двајцата палавковци раскокани на топлото јужно сонце. Никогаш не сум се радувала толку многу на песок и езерски брег кај што трчаш и бос и по чорапи. Дојран е и учителот Мирко, неговата куќа-галерија, сите негови слики и креации и топлите пријателски и домаќински разговори со него и неговата сопруга.

Тука се и уште еден – двајца пријатели, од оние со кои не се гледаш често, но знаеш дека се имате, па кафе-муабетот е сончев, дури и кога е врнежливо.

Затоа што сте вљубеник во пишувањето, какви се вашите мислења Дојран да биде домаќин на прозен или поетски фестивал, нешто како пандан на Струшките вечери на поезијата?

А.Ј – Според мене доволни ни се едни Струшки вечери, оти тие не се само на Струга, туку се на цела Македонија, на сите нас, а му припаѓаат и на светот, на културата на светот. Дојран треба и може да биде средиште на книжевен и културен настан по свој терк и калибар, со свои обележја, структура и мисија. Таа топлина и убавина и на природата и на луѓето може да биде прекрасно прибежиште за сите креативци, а ним секогаш им е потребно место во кое се чуствуваат како дома.

Би го препорачале ли Дојран како дестинација за одмор на вашите пријатели од странство?

А. Ј – Секако, и тоа поради мирот, спокојот, гостопримството, прекрасната храна. Го замислувам како убава резиденција за писатели, сликари, работилници за сценарио, драмски текстови и слично. Го препорачувам на сите што уживаат и во осаменост, но и во топли човечки муабети, какви што се‘ поретко ги има во забрзаното секојдневие.

Дали сте слушнале или можеби сте го вкусиле познатиот дојрански специјалитет “риба на трска”, дали можеби знаете за останатите кулинарски специјалитети кои се синоним за Дојран?

А.Ј – Риба на трска да, но јас ги обожавам лангидите.

Од вашата приватна фото архива, дали може да споделите фотографии направени во Дојран.

 

За сите оние кои планираат да дојдат во Дојран, кој би бил вашиот совет, препорака, место кое мора да се види/нешто што мора да се направи додека се престојува овде?

A.J – Да се шета на сонце покрај езерото колку што може подолго, да се пие кафе колку што може помераклиски, да се дели трпезата со драги луѓе во некое од ресторанчињата, да се купи маслиново масло од локалците, да се тихува.

Ви благодариме Александра за разговорот. Ве очекуваме во Дојран.

 

Previous Новинарска екипа од соседна Република Грција во посета на Дојран

Заследете нè

Кеј 5-ти Ноември бб
1487 Стар Дојран,

Пон – Петок
07:30 – 15:30

Приемни денови

Одделение за даноци, такси и други приходи и Данок на имот – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Одделение за урбанизам – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Комунално одделение – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Новости и ажурирања

Најновите вести, написи и ресурси на Општина Дојран, испратени директно до вашата е-маил адреса.

Accessibility