Бранко Казаковски е спортски новинар со долгоодишно работно искуство. Неодамна тој ја посети нашата општина и имавме можност да поразговараме со него за Дојран.

 

 

Бранко, како спортски новинар и коментатор дали сте запознат генерално со спортот во Дојран, што мислите за фудбалскиот клуб “Дојранско Езеро” и неговиот потенцијал, дали го следите триатлонот кој традиционално секоја година се одржува токму овде и мислите ли дека Дојран би бил атрактивна дестинација за спортски туризам?

Б.К – Искрено не сум запознаен со овој фудбалски клуб, вообичаено поблизу ги следам Првата и Втората македонска фудбалска лига. За фудбалот во југот на Македонија повеќе знам за Беласица, Академија Пандев, Кожуф и порано за Турново. Секако сум запознаен и со триатлонот, спорт кој добива на попуарност во нашата држава во последните години. Има сериозен интерес кај помладите, бидејќи се работи за „три во еден“ спорт, пливање, трчање и велосипедизам. Мислам дека Дојран е идеална локација за вакви настани, кои секако треба да останат традиција и да се развиваат од година во година во поглед на масовноста и секако организациски, со цел да се привлече и странски елитни спортисти. Што секако ќе придонесе за голема промоција на Дојран како дестинација. Како пример ќе го земам Скопскиот маратон, кој од година во година расте и привлекува огромен број странски натпреварувачи, како аматери маратонци, така и професионални атлетичари.

 

Општо е познато дека Дојран има погодна медитеранска клима, истиот е “воздушна бања” и лековитите алги исто се надалеку познати, поради овие причини сметате ли дека токму Дојран може да понуди повеќе бенефити за спортистите и нивните подготовки за натпревари, отколку кое било друго место во Македонија?

Б.К – Дојран секако може да понуди нешто што другите места не можат. Да, освен климата и лековитоста на алгите од езерото може да понуди и други моменти, но клучното е инфраструктурата. Знаеме дека спортот е скапа „играчка“ и бара сериозни инвестиции. За Дојран да биде дестинација каде спортистите и спортски клубови или репрезентации би ги правеле своите подготовки потребна е сериозна инфраструктура. Одличен фудбалски терен, спортска сала, хотели од висока класа, базен со олимписки димензии, врвни теретани, сауни, се она што е потребно за врвен спорт. Тоа секако е огромна инвестиција, но може да се земе примерот од Словенија и Австрија. Овие две земји постојано се дестинација на големите фудбалски клубови во нивните планински комплекси, каде што има природни бањи. Тие хотели нудат неверојатни услови, но пак ќе речам инвестициите мораат да бидат значителни во инфраструктирата за Дојран да се претвори во таква дестинација, а потенцијалот секако го има.

 

Какво е вашето лично искуство со Дојран?

Б.К – „Пред извесно време бев на продолжен викенд во Дојран. Имав позитивно искуство. Во поглед на гостопримството, пристапноста и условите во хотелот каде што престојував – задоволен сум. Се разбира дека Дојран како и повеќето туристички места во Македонија бараат повеќе инвестиции, ангажираност од локалната власт во поглед на хигиената, хортикултурата, урбаната опрема. Инаку, генерално, јас го сакам Дојран поради тоа што за него ме врзуваат убави лични спомени.“

 

Дали можеби знаете што значат зборовите – “ѓољ”, “саан” “ава”?

Б.К – „Не, не ми се познати, но секако, сметам дека имате интересен дијалект кој го збогатува нашиот македонски јазик. Ги сакам дијалектите и секогаш со задоволство слушам кога некој ми зборува на дијалект кој е различен од скопскиот.“

 

Неодамна грчка национална телевизија беше во Дојран и снимаше репортажа за нашето место. Сметате ли дека нашите медиуми се заинтересирани за подобра промоција на туристичките места? Мислите ли дека Дојран добива доволно медиумски простор во нашата држава?

Б.К – „Мислам дека застапеноста на Дојран во нашите медиуми треба да биде иницирана од самата општина. Тоа најмногу го мислам на активности, проекти, новитети за градот, езерото и на секој можен начин да се промовира како туристичка дестинација. За Дојран во нашите медиуми најмногу се зборува во летниот период особено кога се одржува „Д Фестивал“, тоа е еден момент кој секако го промовира туризмот.

 

 

Би го препорачале ли Дојран на вашите пријатели, дали би го планирале вашиот следен годишен одмор, токму овде, кај нас?

Б.К – Често добивам препораки за Дојран од други луѓе, па веројатно ќе треба да го посетам наскоро. Годишните летни одмори вообичаено ги планирам за дестинации надвор од државата, но за викенд дефинитивно Дојран ќе биде следна дестинација.

Previous Интервју со Александра Јуруковска – новинар, книжевен критичар и човек од културата

Заследете не

Кеј 5-ти Ноември бб
1487 Стар Дојран,

Пон – Петок
07:30 – 15:30

Приемни денови

Одделение за даноци, такси и други приходи и Данок на имот – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Одделение за урбанизам – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Комунално одделение – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Новости и ажурирања

Најновите вести, написи и ресурси на Општина Дојран, испратени директно до вашата е-маил адреса.

Општина Дојран 2023 - Сите права се задржани

Accessibility