Месец: м.г

Пет златни и четири сребрени медали за карате клубот “Дојран” на 47миот Европски карате шампионат

Општина Дојран има со кого да се гордее!
За нецела година од постоењето на карате клубот “Дојран”, со редовни и посветени тренинзи и со голема упорност и залагање на претседателката и основач на карате клубот “Дојран”, Лилиана Упчева, децата се закитија со 5 ЗЛАТНИ и 4 СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ на 47миот WADOKAI ЕВРОПСКИ ШАМПИОНАТ!
Во КАТА ТЕАМ 8-9 години – ПРВО МЕСТО, ЗЛАТЕН МЕДАЛ
КUMITE ТЕАМ 10-11 години – ВТОРО МЕСТО, СРЕБРЕН МЕДАЛ
KUMITE 10-11 +40 – ПРВО МЕСТО, ЗЛАТЕН МЕДАЛ
Два СРЕБРЕНИ МЕДАЛИ 8-9 години
Градоначалникот Ангов рече дека е голема честа да биде посетен од Европските клупски шампиони во карате до 11 годишна возраст со нивниот тренер.
На средбата, тој и додели плакета на Лилиана Упчева, претседател и тренер на карате клубот “Дојран”, како и опрема за младите и надежни каратисти.
На средбата се разговараше за иднината на карате клубот, потребите на младите спортисти и идните активности на клубот.
Децата се гордост на едно општество.
Нивните успеси неизмерно не радуваат и нам возрасните.
Токму затоа од се срце ги поддржуваме сите деца кои имаат афинитети за спорт, музика, литературно и уметничко творење.
Општината е секогаш отворена и подготвена за соработка, поддршка и промоција на талентираните млади луѓе кои живеат и творат на територијата на Општина Дојран, истакна на крај од средбата градоначалникот Анго Ангов.

Заклучоци и препораки од трибината – “Дојранско Езеро – состојби и предизвици”

Големината на луѓето е да останат заедно, сплотени и единствени,затоа што во успесите и победите, радоста неминовно се дели, но вистински силна заедница е онаа која останува здружена и силна кога ќе се појават ситуации за кои имаме различни гледишта.
А секако, животот и работата неминовно ни носат предизвици, задачи кои треба да ги решаваме!!!
Нашата мисија е конструктивно да гледаме на проблемите. Да застанеме исправени, цврсти и одлучни кога треба да се носат важни одлуки за иднината на местото каде живееме.
Токму затоа, во насока на размислување за животната средина, за еко системот, за состојбите на нашето Дојранско Езеро организиравме трибина на која свое видување, мислење и евентуални решенија на проблемите со кои се соочуваме дадоа еминентни лица, стручњаци во својата област, експерти од областа на хидробиологијата, хидрологијата и управувањето со водени екосистеми.
Проф.Др Ленче Локовска – експерт за микробилогија и квалитет на води;
Проф.др Елизабета Вељановска Сарафиловска експерт за физичко хемиски истражувања на водени екосистеми;
Проф.Др Трајче Талевски – биолог/ихтиолог од Хидробиолошкиот институт од Охрид – како релевантна институција за оваа проблематика.
Јавната трибина „Дојранско Езеро – состојби и предизвици“ која се одржа на 15.11 ’22 година, претставува почетна точка за директно презентирање на состојбите со езерото, но и беше можност граѓаните да се вклучат, да разговаррат со надлежните и експертите. Со оваа трибина се отвора еден заеднички процес и широка вклученост на граѓанскиот и стручниот сектор, соработка која ќе води кон подобра и поефикасна заштита на Дојранското Езеро и неговиот биодиверзитет.
На Трибината покрај претставници на организаторите и бројните заинтересирани граѓани активно учество земаа и претставници на Центарот за Јавно Здравје Велес како и тројца експерти од различни области.
ЗАКЛУЧОЦИ ОД ЈАВНАТА ТРИБИНА:
• Да се промени праксата на контролата на квалитет на вода само во периодот на летните одмори и да се прават редовни месечни а по потреба и двонеделни анализи на водата од стана на Центарот за јавно здравје.
• Наместо од веќе утврдените мерни места од каде се зема вода од Дојранското езеро за испитување, на потегот Стар Дојран – Сретеново, во иднина да се земаат примероци од најмалку шест локации.
• Постоечките локации од каде се земаат примероци за испитување на водата да останат, но да се додадат и Нов дојран, Николиќ и локации односно мерни места кои ќе се утврдат дополнително.
• При презентацијата надосегашните резултати од анализите на квалитетот на водата кои ги прави ЦЈЗ општ беше заклучокот дека водата може да се користи за капење (според експертите состојбата не е совршена, но е далеку од катастрофална) а повеќе детали не е можно да се добијат од постоечките анализи.
• Спроведување на дополнителни анализи вон анализите на ЦЈЗ односно анализи на кислоридни параметри, хоризонтални анализи на вода, елементарни анализи, анализи на перзистентни и тешкоразградливи соединенија итн.(дел одо овие анализи се направени а дел ќе бидат направени во наредниот период од Хидробиолошкиот институт) и презентирани кон средината на Декември на нова трибина.
• Лоцирање на проблемите со нутритиентно загадување и оптоварување на езерото.
Воспоставување механизам за проверка на објектите кои се наоѓаат на самиот брег на езерото, каде и како и дали прописно ги испуштаат отпадните води.
• Подобрување, санација и зголемување на капацитетот на колекторот и филтер станицата (општината обраложи дека процесот е во тек и колекторот ќе биде со зголемен капацитет и станицата ќе биде целосно функционална околу мај 2023та а во текот на 2024 значително ќе се зголеми капацитетот за преработка на отпадните води.
• Од страна на експертите и дел од граѓаните беше сугерирано дека е потребно да се работи на рестартирање и целосна функционалност на хидросистемот Ѓавато заради аерација односно подигнување на нивото на кислород во езерото но и заради трајна контрола на водостојот во периоди на суша.
• Од страна на присутните граѓани беше побарано сите населени места околу езерото да се вклучат во колекторскиот систем а исто така се дискутираше за проблемот со депонијата кај Карач, нејзиното можно влијание врз подземинте води но и аерозагадувањето.
• Да се испратат забелешки и барања до Владата на РСМ за поголема вклученост во процесите, како и поголема финансиска помош во заштита на споменикот на природата Дојранското езеро
Организирањето на ваков вид на трибини несомнено е од полза и за работата на општинската администрација, за работата на институциите кои се директно поврзани со работата на Општина Дојран, но и за граѓаните, активистите и невладините организации. Сите инволвирани во процесот на дебата добиваат проверени информации, информации директно од компетентните лица, а со ваквиот тип на комуникација и дебата не се остава простор за шпекулации и дилеми.
Со оглед на огромниот интерес и кај стручните лица и кај граѓаните, евидентна е потребата од интензивна комуникација на сите засегнати страни и поради тоа е договорено следната трибина да се одржи кон средината на декември.
На наредната трибина претставници на организацијата Milieukontakt Македонија ќе ги презентираат своите согледувања, резултатите од истражувањата и планираните чекори кои ќе се превземат во иднина.
Општината останува отворена за сите заинтересирани граѓани кои имаат прашања и дилеми во врска со оваа проблематика.
Настанот кој ќе се организира за неполн месец повторно ќе биде јавен и отворен и на него ќе се продолжи и ќе се развие дискусијата започната на оваа трибина која носеше наслов „Дојранско Езеро – состојби и предизвици.“

Завршен циклусот на обуки за спречување на малолетнички бракови

Со денешното предавање на стручните лица – психолог од Центарот за социјални работи Гевгелија и дипломиран социјален работник, а во координација со Координаторот за еднакви можности од Општина Дојран беше спроведена и последната од циклусот обуки за спречување на малолетничките бракови.

Предавањата се одржаа во О.О.У “Кочо Рацин” Нов Дојран на децата од прво до деветто одделение и во училиштето во село Ѓопчели каде претежно живее население од турска националност. Тимот од предавачи после обуката во селото Ѓопчели посети семејство во социјален ризик и разговараше со мајката за можноста да ги оствари своите права во рамки на институциите – Општина Дојран и Центарот за социјални работи – Гевгелија. Предавачите им посочија на децата и на наставниците дека за било каков правен, социјален, семеен проблем и слично може да го контактираат Координаторот на еднакви можности од Општина Дојран и стручните лица од Центарот за социјални работи, па преку разговор ќе се обидат евентуалниот проблем да биде решен.

Според статистиката во текот на 2022рата година бројот на малолетнички бремености, а со тоа и на малолетнички бракови е во пораст. Обучувачите заклучија дека и понатаму постои потреба од продлабочени обуки за справување со оваа девијантна појава. Децата, како и наставниците посочија примери од нивното опкружување – случаи на малолетнички бракови. Поради тоа, во иднина ќе се работи во помали групи се со цел да им се доближи идејата на децата за важноста пред се на образованието, стекнување на основни вештини, а бракот и основањето на семејство да се остави за подоцна во животот кога младите луѓе ќе бидат комплетно физички и емотивно подготвени за таков важен животен чекор.

За наредната година во планот за родова еднаквост предвидена е соработка со стручно лице – логопед, дијагностика и работа онаму каде што е потребна на лице место во основното училиште. Предвидени се исто така и обуки за хигиена во пубертетскиот период, менструална хигиена, како и продлабочени обуки во помали групи за животни вештини, врсничко насилство/булинг и спречување на малолетничките бракови.

Потпишан договор за партнерство во реализација на проект – “Туризмот – иднината на регионот””

Градоначалникот на Општина Дојран, заедно со Директорот на Центарот за развој на Југоисточен плански регион – Ѓоко Камчев го потпишаа Договорот за партнерство во реализација на проектот ,,Туризмот – иднината на регионот”.

Со овој проект ,,Туризмот – иднината на регионот” ќе се реализираат повеќе активности меѓу кои:

-Оформување на траса за велосипедска патека во должина од 16км во склоп на ,,Фронтовата линија”, нејзино одбележување и маркирање;
-Набавка на 20 електрични велосипеди;
– Две смарт табли со информативни содржини;

Средствата во износ од 6.657,840 денари, се обезбедени од Бирото за регионален развој и учество на Општина Дојран.

Со создавањето на нови и дополнителни туристички содржини, создаваме алтернативен туризам кој ќе и донесе на Општина Дојран поголем број на посетители и надвор од летната сезона.

Плакети и благодарници по повод 5ти Ноември – денот на ослободувањето на Дојран

Големите денови и празници ни се потсетник и за саканите и ценети луѓе кои не се повеќе меѓу нас.
Чудно е како пред само една година, токму на овој ден или во нашите мисли “како да беше вчера” кога заедно наздравувавме за успесите, планиравме и со страст зборувавме за иднината…а денес тие личности се само убави спомени.
За жал, судбината имала други планови за нив.
Но, како што рекол големиот Петре М. Андреевски – ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од нивното отсуство.
На тие посебни луѓе се присетуваме секојдневно со многу љубов и ги издвојуваме убавите спомени кои сме ги создале заедно, но денес гласно и со безрезервна почит им оддадовме постхумно признание за се што оставиле зад себе.
За добрината.
За големината.
За несебичноста.
За човечноста.
Магдалена Шимова и Динчо Бошнаков, наши луѓе, дојранчани, беа токму такви личности, посебни, шармантни, филантропи.
Даваа безрезервна поддршка на работата на Општина Дојран и беа синоним за Дојран.
Плакети и благодарници за особен придонес во локалниот економски развој на општината денес добија нивните најблиски членови од семејството како вечен потсетник на сето добро кое го направиле за нас и за општината.
Но, најголема благодарница за нивниот живот и дело би била ако ги лишиме од заборав.
А тие со сигурност никогаш нема да бидат заборавени, засекогаш ќе се врежани во колективната меморија на заедницата како граѓани кои оставиле трага, живееле и твореле на ова тло.
Продолжуваме да се водиме по аманетот на нашите предци и на оние кои ги чуваме од заборав:
“Ние се втемеливме, вие градете.”
Голема благодарност до нашиот долгогодишен соработник Ѓоко Ристовски, кој несебично се вложува во развојот на нашиот Дојран, во наоѓање и реализација на ЕУ фондови. Од општина што беше задолжена до 2017 година кон Европска банка, ние заедно со несебично работење и вложување успеавме да станеме лидери  во искоридтување на ЕУ фондови.

Одбележан 5ти Ноември – денот на ослободувањето на Дојран

„Никаде не постои едноставен пат до слободата, и многумина од нас мораат да пројдат повеќе пати низ долината на смртта за да го достигнат врвот на нашите желби“. – рекол своевремено славниот Нелсон Мендела.
А дека не постои едноставен пат до слободата знаеле и нашите предци кои несебично се бореле за слободата.
Денес е наш ред, наш ред да им се поклониме, да се заблагодариме на храброста, истрајноста и човечноста која ја покажале тогаш кога било најпотребно.
Ви благодариме борци за слободата на нашиот Дојран. Сега и секогаш ќе останеме неми пред вашите големи дела, сега и секогаш ќе ве споменуваме со благонаклоност и огромна почит.
Токму во чест на нашите храбри предци, денес ние во слобода и радост го славиме денот на ослободувањето на Дојран.
Нека ни е честит и вековит драги мои дојранчани.
Да бидеме сплотени и силни, заедно да ги прославуваме убавите моменти и уште посложно да поминуваме низ оние тешките.
Нека ни е вековит празникот!

Јавна покана по повод денот на ослободувањето на Дојран

По повод 5-ти Ноември, денот на ослободувањето на општина Дојран, чест и задоволство ни е да упатиме јавна покана до сите вас, заедно да го одбележиме значајниот празник за нашата општина во петок (04.11.2022 година). По тој повод, ќе оддадеме почит на борците од НОБ со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјата во Нов и Стар Дојран и со пригодни зборови ќе искажеме благодарност за нивните дела и придонесот кој го дале за нашиот Дојран.
Во знак на благодарност за посветеност во работењето за висок профисонализам и поддршка во реализација на проекти на поединци ќе им бидат доделени благодарници.
Агенда
09.30 часот – Свечена седница на Советот на општина Дојран.
10. 15часот – Положување свежо цвеќе пред спомен обележјето во Стар Дојран, Градски парк.
11.00 часот – Крос на учениците од О.О.У “Кочо Рацин” Нов Дојран.
11.15 часот – Положување свежо цвеќе пред спомен обележјето во Нов Дојран.
11.30 часот – Доделување награди за учениците од О.О.У “Кочо Рацин” Нов Дојран.