Големите денови и празници ни се потсетник и за саканите и ценети луѓе кои не се повеќе меѓу нас.
Чудно е како пред само една година, токму на овој ден или во нашите мисли “како да беше вчера” кога заедно наздравувавме за успесите, планиравме и со страст зборувавме за иднината…а денес тие личности се само убави спомени.
За жал, судбината имала други планови за нив.
Но, како што рекол големиот Петре М. Андреевски – ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од нивното отсуство.
На тие посебни луѓе се присетуваме секојдневно со многу љубов и ги издвојуваме убавите спомени кои сме ги создале заедно, но денес гласно и со безрезервна почит им оддадовме постхумно признание за се што оставиле зад себе.
За добрината.
За големината.
За несебичноста.
За човечноста.
Магдалена Шимова и Динчо Бошнаков, наши луѓе, дојранчани, беа токму такви личности, посебни, шармантни, филантропи.
Даваа безрезервна поддршка на работата на Општина Дојран и беа синоним за Дојран.
Плакети и благодарници за особен придонес во локалниот економски развој на општината денес добија нивните најблиски членови од семејството како вечен потсетник на сето добро кое го направиле за нас и за општината.
Но, најголема благодарница за нивниот живот и дело би била ако ги лишиме од заборав.
А тие со сигурност никогаш нема да бидат заборавени, засекогаш ќе се врежани во колективната меморија на заедницата како граѓани кои оставиле трага, живееле и твореле на ова тло.
Продолжуваме да се водиме по аманетот на нашите предци и на оние кои ги чуваме од заборав:
“Ние се втемеливме, вие градете.”
Голема благодарност до нашиот долгогодишен соработник Ѓоко Ристовски, кој несебично се вложува во развојот на нашиот Дојран, во наоѓање и реализација на ЕУ фондови. Од општина што беше задолжена до 2017 година кон Европска банка, ние заедно со несебично работење и вложување успеавме да станеме лидери во искоридтување на ЕУ фондови.