Месец: м.г

Нова велосипедска патека во Дојран за љубителите на off road велосипедизмот

Со проектот за проширување на велосипедската патека во општина Дојран, долж фронтовата линија од Прва светска војна, финансиран од Југоисточниот плански регион, Општина Дојран наскоро ќе се најде на мапата на љубителите на off road велосипедизмот или популарно наречениот mountain bike (планински велосипедизам).
Во склоп на овој проект се врши машинско порамнување на постојната траса со проширување и на одредени места со пробивање на нова траса.
Патеката е во должина од 16 км. А она што е мошне примамливо е тоа што за истата ќе бидат набавени соодветни патоказни знаци за насочување низ трасата. Поставување на летниковци, дрвени клупи, канти за отпадоци е само мал дел од опремата која е планирано да се постави долж велосипедската патека.
Благодарение на овој проект, во Општина Дојран, освен класичниот езерски туризам ќе се развиваат и алтернативни форми на туризмот како што е off road велосипедизмот, за што ние како општина особено се залагаме. Со оваа инвестиција ќе имаме зголемен број на активности, ќе се организираат рекреативни тури, како и спортски натпревари кои во иднина ќе придонесат голем број на вљубеници на велосипедизмот да се приближат кон природата, да рекреираат, но и подобро да ги запознаат природните убавини и богатата историја која ја нуди на нашиот Дојран.
Здравствените придобивки од возење велосипед по off road патеки се неколкукратно поголеми од возење велосипед по регуларни патеки.
Како голема награда за вашиот напор е величествениот поглед кон Дојранското Езеро, недопрената природа која го одзема здивот, богатство на ендемични флора и фауна. Попатно може да вкусите и од шумските плодови кои природата несебично ги дава.
Наскоро ќе може да нѐ посетите во Дојран и да добиете ново искуство од вашиот престој овде.

Дипломатски економски караван

Преку организирање дипломатско-економски караван во Југоисточниот плански регион, Општина Дојран денес ги презентираше можностите за инвестирање и потенцијалите пред економски аташеа и амбасадори на 17 дипломатски претставништва во земјата и од други држави кои ја покриваат нашата земја.
Општина Дојран визуелно, преку промотивни видеа ги промовираше убавините со кои располага и можностите за инвестиции.
Гостите покажаа интерес за инвестиции во туризмот, можностите за пласирање на нашите локални производи во земјите од кои доаѓаат и секако изразија воодушевување од природните убавини кои ги нуди нашиот Дојран.
Се надеваме дека економскиот дипломатски караван во блиска иднина ќе донесе инвестиции и дополнително ќе го забрза економскиот развој на нашата општина.

Нов циклус на обуки за основците по програмата за родова еднаквост на Општина Дојран

Локалниот акционен план за родова еднаквост кој беше презентиран и усвоен од страна на Советот на Општина Дојран на 24тата седница одржана на 30.01.2023та година предвидува нов циклус на обуки за спречување на врсничкото и родово базираното насилство, серија на работилници за млади – справување со стрес, анксиозност, препознавање на сопствените емоции, насочување при избор на одбирање соодветно средно образование според можностите и капацитетот на детето, Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата, односно учество на млади, деца на училишна возраст во случувања кои се организираат во поголемите градски средини, како и бесплатни логопедски и дефектолошки прегледи кај деца од предучилишна и училишна возраст.

На воведната сесија во подрачното училиште во село Црничани, децата беа запознаени со планот за родова еднаквост, односно активностите кои може да ги очекуваат од страна на стручен тим во наредниот период.

Интересот на децата за учество во работилниците и обуките е евидентен, а заинтересираност покажува и самиот наставен кадар во училиштата.

Изминатата календарска година се одржаа десетици работилници за ставање крај на булингот, однсоно врсничкото насилство, како и обуки за спречување на малолетнички бракови.

Евалуацијата од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи – Гевгелија, како и од страна на наставниот кадар во О.О.У “Кочо Рацин” Нов Дојран е дека работилниците, односно обуките имало влијание врз децата и истите се полезни за нив.

Охрабрени од минатогодишното искуство, годинава за доброто на децата повторно се организираат обуки и работилници кои ќе бидат во нивна корист.

Годишниот план за родова еднаквост е прикачен на оваа ВЕБ страница и истиот детално може да го прочитате.

 

 

Потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Дојран и Меѓународен Балкански универзитет Скопје

Водејќи се од познатата мисла на Џорџ Вашингтон која вели дека образованието е златен клуч на слободата, на покана на раководството на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов оствари средба со вице ректорите проф. д-р Mevludin Ibish, проф. д-р Serdar Serdarogu, проф. др. Александра Појразоска – Кујунџиски, проф. д-р Александар Андовски и асс. Надица Ангова Колевска.
На обострано задоволство потпишан е меморандум за соработка помеѓу Општина Дојран и Меѓународниот балкански универзитет.
Она што особено радува и даде посебен акцент на средбата се понудените 10 стипендии за студирање на универзитетот за талентирани ученици од Општина Дојран.
Покрај тоа, студенти на архитектура од МБИ под менторство на своите професори ќе изготвуваат проекти за нашата општина. Проекти со кои потоа директно ќе можеме да се аплицира за средства од различни фондови и истите реално да се имплементираат.
Соработката со Меѓународниот балкански универзитет во иднина е планирано да се продлабочува во повеќе сегменти.
Квалетитеното образование е најмоќното оружје кое може да го употребиме за да го промениме светот,а несомнено е дека Меѓународниот балкански универзитет има стручен кадар и капацитет да понуди одлично образование.