Денес, општина Дојран организираше настан со кој официјално се означи стартот на реконструкција на колекторскиот систем и изградбата на нова пречистителна станица.
Во присуство на Премиерот на Р. С.Македонија, Амбасадорот на Р. Словенија во нашата држава, високи владини претставници, новинари и сограѓани накратко беше елабориран процесот, односно патот од аплицирањето за добивање на средства од Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на Р. Словенија до изготвувањето на комплетна документација и се разбира, до ден денешен – односно стартот на изградба на толку потребните, од витално значење за нашиот Дојран, колекторски систем и пречистителна станица.
Со гордост можеме да кажеме дека трудот и упорноста се исплатија, со овој потфат решаваме горлив проблем кој со децении се провлекува во општина Дојран.
Среќни сме и благодарни што имаме добри пријатели, партнери и поддржувачи и што и тие самите ја увидоа важноста да се инвестира во колекторски систем и пречистителна станица, воедно и две мини пречистителни станици во с.Фурка и с. Црничани, како и целосна канализациона мрежа во с. Црничани. Со оваа инвестиција, ние всушност вложуваме во здравјето на граѓаните, во иднината на нашите деца, вложуваме во добросостојбата на езерото и целокупниот еко – систем.
Вложуваме во иднината!
Почитувани сограѓани,
Се радувам затоа што заедно, сплотени и сложни испишуваме нова иднина за нашиот Дојран!
Остануваме посветени на напредокот на нашата општина, продолжуваме да создаваме за нас, за нашите деца и за поколенијата кои доаѓаат после нив.
Нашиот Дојран дефинитивно го заслужува само најдоброто!





