Во рамки на одбележувањето на празникот на Општина Дојран – 5 Ноември, се реализираше петтиот по ред планинарски марш, во организација на ЗПСК „Даб“ – Дојран.
И покрај променливите временски услови, љубителите на планинарењето и природата уште еднаш покажаа дека добрата волја, ентузијазмот и желбата за дружење се најважни. Овојпат, маршот се одвиваше на изменета маршрута, со пешачење до Фердинандова Чешма и посета на дел од туристичките знаменитости на Дојран.
Настанот помина во пријатна атмосфера, исполнета со позитивна енергија, насмевки, дружење и љубов кон природата.
Планинарењето не е само освојување врвови и поминување километри, туку и можност за создавање нови пријателства, промоција на здрави животни навики и откривање на природните убавини и туристичките потенцијали на нашиот Дојран.
Општина Дојран упатува благодарност до ЗПСК „Даб“ – Дојран и до сите учесници кои со своето присуство придонесоа за реализација на овој настан.
Продолжуваме да ги поддржуваме ваквите активности кои ги поттикнуваат рекреацијата, здравиот начин на живот, дружењето и промоцијата на природните убавини на Дојран.




