Демант до Комисија за локална самоуправа на ВМРО – ДПМНЕ
По повод написот на 21.01.2020 во порталот kurir.mk, вест со наслов “Власта пред избори им ја продава водата на дојранчани” испраќаме демант до комисијата на ДПМНЕ дека ова е јавно приватно партнерство, а не продажба на водата. Водата не може да биде предмет на продажба, ниту законот тоа го дозволува. Ова е концепт на јавно приватно партнерство за подобрување на услугите на граѓаните.
Додека некој го крадеше и урнисуваше ЈПКД, друг се обидува да изнајде решение за долговите кои ги оставија, празниот буџет и лошиот имиџ кој го демне јавното комунално претпријатие во Дојран. Доказ за тоа се судските постапки кои се водат за криминалот во јавното претпријатие “Комуналец” Стар Дојран.
Додека некој носеше одлуки без да го праша народот, некој му дава право и можност самиот да одлучи и избере за крупни одлуки во општината по пат на референдум. Затоа што гласот и зборот на граѓаните се најважни за нас.
Уште еднаш нагласуваме дека ова е надпартиска работа и политиката не треба да се меша. Сите граѓани на општина Дојран се тие кои одлучуваат, а не партиските штабови. Да им дозволиме на граѓаните сами да одлучат. Нашата работа е само да го образложиме концептот. Затоа ги повикувам партиските структури и Претседателот на општинската организација на ДПМНЕ, сите членови на Советот и Претседателот на Советот да излеземе заедно, да го образложиме концептот и да ги оставиме граѓаните сами да одлучат без никакви партиски притисоци.