Со проектот за проширување на велосипедската патека во општина Дојран, долж фронтовата линија од Прва светска војна, финансиран од Југоисточниот плански регион, Општина Дојран наскоро ќе се најде на мапата на љубителите на off road велосипедизмот или популарно наречениот mountain bike (планински велосипедизам).
Во склоп на овој проект се врши машинско порамнување на постојната траса со проширување и на одредени места со пробивање на нова траса.
Патеката е во должина од 16 км. А она што е мошне примамливо е тоа што за истата ќе бидат набавени соодветни патоказни знаци за насочување низ трасата. Поставување на летниковци, дрвени клупи, канти за отпадоци е само мал дел од опремата која е планирано да се постави долж велосипедската патека.
Благодарение на овој проект, во Општина Дојран, освен класичниот езерски туризам ќе се развиваат и алтернативни форми на туризмот како што е off road велосипедизмот, за што ние како општина особено се залагаме. Со оваа инвестиција ќе имаме зголемен број на активности, ќе се организираат рекреативни тури, како и спортски натпревари кои во иднина ќе придонесат голем број на вљубеници на велосипедизмот да се приближат кон природата, да рекреираат, но и подобро да ги запознаат природните убавини и богатата историја која ја нуди на нашиот Дојран.
Здравствените придобивки од возење велосипед по off road патеки се неколкукратно поголеми од возење велосипед по регуларни патеки.
Како голема награда за вашиот напор е величествениот поглед кон Дојранското Езеро, недопрената природа која го одзема здивот, богатство на ендемични флора и фауна. Попатно може да вкусите и од шумските плодови кои природата несебично ги дава.
Наскоро ќе може да нѐ посетите во Дојран и да добиете ново искуство од вашиот престој овде.