Месец: м.г

Водата од Дојранското Езеро е во одлична состојба!

Најновите испитувања на водата од Дојранското Езеро покажаа дека истата е во ОДЛИЧНА СОСТОЈБА и е БЕЗБЕДНА за капење и рекреација на луѓето!

Според последните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико” е докажано дека водата кај трите споменати плажи е во одлична состојба и истата може да се користи за капење и рекреација на луѓето.
Резултатите од испитувањата на езерската вода се сосема исти со минатата година, односно, резултатите ја истакнуваат нејзината непроменета одлична состојба и покажуваат параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето.
Во текот на летниот период неколку пати се земаат примероци од езерската вода за нејзино тестирање.
Во прилог се извештаите од стручното мислење за здравствената безбедност на водата од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Велес.

Информација за прскање против комарци

Ве информираме дека првото авио-третирање против комарци во општините Богданци, Валандово и Дојран е планирано да се изврши на 27.06.2019 година – четврток, во раните утрински часови, односно во период од 04:30 до 09:30 часот.

Доколку временските услови не дозволат да се реализира прскањето, истото ќе се спроведе  на 28.06.2019.

Се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.

Одбележување патронен празник

Градоначалникот на општина Дојран беше поканет и присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник на О.О.У “Кочо Рацин” во Нов Дојран.
Заедно со директорката на училиштето положија свежо цвеќе и се поклонија пред бистата на големиот Коста Солев Рацин, потоа ја проследија културно уметничката програма подготвена од учениците.
Градоначалникот Ангов додели вредносни ваучери на двајца ученици кои се натпреваруваа и освоија прво и второ место на државни натпревари и пофалници и благодарници на заслужни ученици за постигнати успеси на регионални и училишни натпревари.
Благодарност до наставниците и учениците за прекрасната организација.
Имајте успеси во иднина и бидете позитивни промотори на училиштето и на општина Дојран.

 

Обуки во општина Дојран

Општина Дојран ја имаше честа да биде домаќин на мултидисциплинарен тим на експерти и да зборува за теми кои ги засегаат најмладите членови на општеството.

Дојран беше центар за обука на ученици и наставен кадар. Имено, во основното училиште се одржа семинар на тема “Превенирање на насилното однесување меѓу учениците во онсовните училишта” и со истиот беа опфатени наставници во одделенска и предметна настава, како и стручни соработници од подрачните училишта на територијата на нашата општина.

Семинарите се реализираа благодарение на универзитетските професори: Дејан Мицковиќ (доктор по правни науки), Татјана Стојановска – Иванова (доктор по социолошки науки), Ана Фрицханд (доктор по психолошки науки) и Елизабета Томевска – Илиева (доктор по педагошки науки).Истите беа со интерактивен карактер, динамична комбинација и едукативни и за наставниците и за родителите кои присуствуваа на обуката.
Слушателите на обуката во основното училиште се здобија со знаења за правата на децата, за правните, психолошките и педагошките аспекти на насилството и малтретирањето во училиштата, како и за можноста за рано препознавање и намалување на насилството во школите.
Од страна на Институтот се одржа обука и во хотелот “Романтик”, во соработка со детската градинка “Кокиче” на тема “Ран детски развој” наменета за професионален развој на воспитувачите, родителитите и за одделенските наставници, односно за онаа група на едукатори кои ги пречекуваат децата на нивниот премин од градинка во задолжителното основно образование.

Општина Дојран изразува голема благодарност до едукаторите на настаните во образовните институции во Дојран. Со вчерашните обуки, но и оние кои ќе се спроведат во иднина – нивото на квалитет на работа во образованието ќе се издигне на повисоко ниво.
На крајот од обуките сите учесници добија сертификати за учество кои се доделија на церемонија на терасата од хотелот “Романтик” во Стар Дојран.