Интервју со Мирјана Јовеска-новинарка во Блумберг Адриа, полиглот, спортски фанатик и љубител на животни. Обожува да патува и да ужива во музеи, а редовно е и на спортските трибини. Вљубеник во фолклорот, македонските народни носии и ора.

 

Мирјана, вие сте новинар со долгогодишно искуство во печатени и електронски медиуми. Сметате ли дека Општина Дојран е солидно промовирана во медиумите во Македонија?

М.Ј – Искрено, не мислам дека Дојран е доволно промовиран. Очигледно е дека во последните години значајно е подобрена маркетинг кампањата, промоцијата и застапеноста на Дојран во медиумскиот простор, но сметам дека уште е далеку од потребното. Дојран е мало место, но има многу што да покаже и потребна е соодветна приказна што „ќе го продаде“ како туристичко место. Д фестивал значајно помогна во промоцијата на Дојран. Сепак, сметам дека овој град може да живее од туризам во текот на целата година. Ќе повторам дека во последните можеби десетина години значајно се поместени работите, ама потребно е уште повеќе.

 

Неодамна бевте на интересно патување во Вашингтон, што конкретно се случуваше таму и какви искуства може да примените овде, од наученото во САД?

М.Ј – Тоа беше едукативна посета на Вашингтон и Њујорк. Јас бев дел од програмата на Young Journalist’s Network, во организација на Демокраси Лаб, а поддржана од Амбасадата на САД. Посетив повеќе медиуми, како Fox News, VoA, Bloomberg, ги посетив здруженијата на медиумски работници, посетив и многу институции и се сретнав со повеќе претставници на невладини организации.

Контактите што ги создадов таму и искуството што го здобив за релативно кратко време е всушност бесценето. Многу работи немаме услови да ги примениме тука, но сепак има голем дел од работната практика што може да се адаптира и да се примени во Македонија, со цел работата во медиумите да се одвива полесно, а медиумските производи да добијат многу повеќе на квалитет. Но, тука мора да напоменам дека медиумите не се единствени, кои што треба да применат колку што е можно повеќе американски практики. И институциите треба да го сторат истото.

 

Кој би бил вашиот совет за подобра туристичка и медиумска промоција на една општина, конкретно за Општина Дојран?

М.Ј – Многу повеќе интернационални фестивали, концерти, изложби, претстави, гостувања… Што повеќе се слуша за Дојран, толку повеќе градот ќе живее и локалното население ќе го материјализира тоа.

За жал, ние не сме многу свесни за богатството и убавините кои ги имаме. Потребно е секој да се вложи во промоција на својата земја, како на индивидуално, така и на институционално ниво.

 

Што ви е асоцијација кога ќе се спомене Дојран?

М.Ј – Дојрана, лековитата кал, рибарењето, и неизбежно е да се споменат и екскурзиите од основно училиште.

 

Какво е вашето лично искуство со Дојран, сместување, услуга во ресторани итн.?

М.Ј – Искрено, мислам дека треба да има повеќе ресторани, иако сум свесна дека е тешко изводливо тие да живеат во текот на целата година. Но, еве, тоа може да биде предизвик за локалните власти да најдат начин да привлечат повеќе угостители. Тоа ќе повлече шаренолика понуда за забава и рекреација, што ќе резултира со поголема посетеност. Фали креативност, фали приказна… Приказната го продава производот, приказната треба да го продаде и Дојран на туристите. А, Дојран има многу приказни, треба само да ги раскажеме.

 

Од вашите патувања во странство, што мислите дека е интересно и возможно да се преслика во Дојран, како занимлива туристичка понуда?

М.Ј – Мислам дека токму тоа го одговорив во претходното прашање. Сум била на многу места, кои искрено имаат многу помалку да понудат од Дојран, но тие знаат како да се промовираат, знаат да понудат интересни содржини и кога се самоуверени дека нудат нешто добро, тогаш лесно е да се привлечат туристите. Ние некако срамежливо ги нудиме своите убавини. Иако имаме многу што да понудиме и располагаме со голем капацитет и туристички потенцијал, со ништо не отскокнуваме за некој полесно да не забележи и да се одлучи да дојде кај нас. Ова го кажувам од искуство, бидејќи имам многу пријатели од странство. Десетици од нив веќе сум ги прошетала на мини тури низ Македонија. Тие заминуваат воодушевени од убавините и секогаш го поставуваат истото прашање: како е можно да не знам за овие места? Ние треба да работиме токму на решение на последново прашање.

 

Имате ли во план набрзо да го посетите Дојран и како би го испланирале престојот овде?

М.Ј – Секако, следното доаѓање веројатно ќе биде посета на мои блики пријатели, преку кои всушност и наоѓам приватно сместување. Јас почесто престојувам во приватни апартмани. Tука мора да напоменам дека Дојран има многу слаба, да не речам лоша автобуска конекција. Ретки автобуски линии што реално претставува проблем за организација. Ете, уште една точка на која што треба да се поработи.

Инаку, јас лично никаде не се задржувам подолго, најчесто само по неколку дена. И можеби затоа секогаш ми е интересно, зашто не дозволувам да останам долго и да ми се здосади некое место поради тоа што сум разгледала и посетила сѐ. Секогаш оставам нешто и за следното доаѓање.

Previous Интервју со Бранко Казаковски – спортски новинар

Заследете нè

Кеј 5-ти Ноември бб
1487 Стар Дојран,

Пон – Петок
07:30 – 15:30

Приемни денови

Одделение за даноци, такси и други приходи и Данок на имот – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Одделение за урбанизам – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Комунално одделение – секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот

Новости и ажурирања

Најновите вести, написи и ресурси на Општина Дојран, испратени директно до вашата е-маил адреса.

Accessibility