Ден: д.м.г

Плакети и благодарници по повод 5ти Ноември – денот на ослободувањето на Дојран

Големите денови и празници ни се потсетник и за саканите и ценети луѓе кои не се повеќе меѓу нас.
Чудно е како пред само една година, токму на овој ден или во нашите мисли “како да беше вчера” кога заедно наздравувавме за успесите, планиравме и со страст зборувавме за иднината…а денес тие личности се само убави спомени.
За жал, судбината имала други планови за нив.
Но, како што рекол големиот Петре М. Андреевски – ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од нивното отсуство.
На тие посебни луѓе се присетуваме секојдневно со многу љубов и ги издвојуваме убавите спомени кои сме ги создале заедно, но денес гласно и со безрезервна почит им оддадовме постхумно признание за се што оставиле зад себе.
За добрината.
За големината.
За несебичноста.
За човечноста.
Магдалена Шимова и Динчо Бошнаков, наши луѓе, дојранчани, беа токму такви личности, посебни, шармантни, филантропи.
Даваа безрезервна поддршка на работата на Општина Дојран и беа синоним за Дојран.
Плакети и благодарници за особен придонес во локалниот економски развој на општината денес добија нивните најблиски членови од семејството како вечен потсетник на сето добро кое го направиле за нас и за општината.
Но, најголема благодарница за нивниот живот и дело би била ако ги лишиме од заборав.
А тие со сигурност никогаш нема да бидат заборавени, засекогаш ќе се врежани во колективната меморија на заедницата како граѓани кои оставиле трага, живееле и твореле на ова тло.
Продолжуваме да се водиме по аманетот на нашите предци и на оние кои ги чуваме од заборав:
“Ние се втемеливме, вие градете.”
Голема благодарност до нашиот долгогодишен соработник Ѓоко Ристовски, кој несебично се вложува во развојот на нашиот Дојран, во наоѓање и реализација на ЕУ фондови. Од општина што беше задолжена до 2017 година кон Европска банка, ние заедно со несебично работење и вложување успеавме да станеме лидери  во искоридтување на ЕУ фондови.

Одбележан 5ти Ноември – денот на ослободувањето на Дојран

„Никаде не постои едноставен пат до слободата, и многумина од нас мораат да пројдат повеќе пати низ долината на смртта за да го достигнат врвот на нашите желби“. – рекол своевремено славниот Нелсон Мендела.
А дека не постои едноставен пат до слободата знаеле и нашите предци кои несебично се бореле за слободата.
Денес е наш ред, наш ред да им се поклониме, да се заблагодариме на храброста, истрајноста и човечноста која ја покажале тогаш кога било најпотребно.
Ви благодариме борци за слободата на нашиот Дојран. Сега и секогаш ќе останеме неми пред вашите големи дела, сега и секогаш ќе ве споменуваме со благонаклоност и огромна почит.
Токму во чест на нашите храбри предци, денес ние во слобода и радост го славиме денот на ослободувањето на Дојран.
Нека ни е честит и вековит драги мои дојранчани.
Да бидеме сплотени и силни, заедно да ги прославуваме убавите моменти и уште посложно да поминуваме низ оние тешките.
Нека ни е вековит празникот!